Линкови за пристапност

Мирни протести во Скопје


На демонстрациите на етничките Албанци немаше насилство, а најавените контра-протести на етничките Mакедонци не се одржаа

Под силно полициско обезбедување и денес, по пладневната молитва, од пред Јахја-пашината џамија започнаа протестите на етничките Албанци, по повод пресудите доживотен затвор за обвинтетите за петкратното убиство кај Смиљковско Езеро пред две години. Неколку илјади демонстранти, со албански знамиња, извикувајќи слогани за Голема Албанија и за УЧК се упатиле кон комплексот објекти на судовите. Но, на раскрсницата пред трговскиот центар „Мавровка“, ги запрел полициски кордон, по што, без инциденти, освен неколку провокации, демонстрантите – раководени од редари - седнале на земја.

На денешниот протест немало знамиња на други држави, ниту биле потенцирани исламски симболи како минатата недела. Медиумите јавија за обиди за провокации и за голем транспарент со мозаик од ликовите на Никола Груевски, Али Ахмети, Слободан Милошевиќ и Адолф Хитлер на кој пишувало: „Монструмот се крие во овој мозаик“.

Демонстрантите и денес најавиле дека ќе продолжат да го искажуваат својот револт, се` додека не бидат исполнети нивните барања, а нивните денешни барања биле ослободување на осудените шестемина во „Случајот Монструм“ и оставки од министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска и обвинителката во случајот, Гордана Гешковска.

Најавените контра-протести на етничките Македонци пред Владата денес не се одржаа, можеби и поради бројни апели и повици за разум и смирување на тензиите од странските дипломати, политичките и верските лидери и невладините организации. Така, главно мирните протести на етничките Албанци, завршија за два часа, без инциденти.

Тензиите кои се разгоруваа последниве денови, утрово ги засилија и бројните полициски единици распоредени по улиците на македонската престолнина, како и најавите на дел од порталите дека македонското МВР ги блокирало граничните премини кон Албанија и Косово и засилено ги контролирало патиштата во западна Македонија, наводно за да ги спречи автобусите со демонстранти кои сакале да присуствуваат на протестите во Скопје.

Ни денес од ДУИ немаше реакции на изјавата на премиерот Грувски дека барањата на коалициониот партнер Ахмети, за враќање на просецот „Монструм“ од почеток, со меѓународен мониторинг - се неприфатливи, зашто се непознати и не се предвидени во македонскиот правен систем. Во интервју за втората програма на МТВ на албански јазик, Груевски изјавил дека на судењето присуствувале претставници на ОБСЕ, и дека според неговите сознанија, доказите биле непобитни, односно, дека треба да се почека и второстепениот суд да потврди дека Основниот суд донел донел законска одлука, врз основ на цврсти докази. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ истакнал и дека зад насилствата на протестите стојат верски радикали, кои ги користат Албанците за нивни цели.

Иако нема официјална реакција од партнерот во Владата, 24 Вести денес го пренесе ставот на шефот на кабинетот на Ахмети, Артан Груби, дека протестите се злоупотребени и дека зад нив, се крие обид за организирање на нова политичка партија на Албанците во Македонија. „Излезе на виделина она што го кажуваме долго време, дека случајот „Монструм“ максимално се користи за политички интереси и за несреќа, од оние што не се засегнати за случајот, туку го гледаат како златна можност за да се излезе како добитник на сметка на несреќата“, го пренесе 24 Вести ставот на Груби.

XS
SM
MD
LG