Линкови за пристапност

Протести низ светот како поддршка за демонстрантите во САД


Илјадници луѓе во Нов Зеланд во понеделникот маршираа во солидарност со оние кои во САД протестираат за смртта на афро Американецот Џорџ Флојд.

Демонстрантите во Оукленд пристигнаа пред американскиот конзулат и извикуваа слогани кои се користат на протестите во САД како „црните животи се важни“ и „нема правда, нема мир“.

Овие протести следат по оние во Велика Британија, Бразил, Канада и други земји.

Илјадници демонстранти се собраа во централен Лондон за да ја искажат својата поддршка за оние кои протестираат во САД и кои ја осудуваат полицијата по смртта на Флојд минатата недела во Минеаполис, Минесота.

Флојд почина откако полицаецот Дерек Човин го притискал неговиот врат со своето колено повеќе од осум минути, дури и откако Флојд постојано велел дека не може да дише.

Демонстрантите во Данска се собраа пред американската амбасада во Копенхаген во неделата и носеа транспаренти со пораки како „Престанете да убивате црни луѓе“.

Во Германија имаше транспаренти на кои пишуваше „Полицијата треба да одговара“ и „Кого треба да викнете кога полицијата убива“.

Во земји со авторитарни влади, официјалните лица го критикуваа однесувањето на полицијата додека медиумите контролирани од властите ги ставаа протестите во контекст на американските поплаки за однесувањето кон демонстрантите во други земји, како односот на Кина кон продемократските протести во Хонгконг.

Портпаролот на кинеското министерство за надворешни работи, Жао Лиџјан, на брифинг во понеделникот изјави дека нередите ја прикажуваат „сериозноста со расизмот и полициското насилство во САД“.

По ова следеше коментар на Ху Сиџин, уредник на Глобал Тајмс, весник со кој раководи кинеската комунистичка партија. Тој вели дека американските официјални лица сега можат да ги видат протестите од своите прозорци.

„Сакам да ги прашам спикерката на Претставничкиот дом Ненси Пелоси и државниот секретар за надворешни работи Мајк Помпео дали Пекинг треба да ги поддржи протестите во САД како што вие ги фалевте демонстрантите во Хонгконг?“ рече Ху Сиџин.

Во Иран, каде владата последниве години остро ги разбиваше своите протести, државната телевизија повторува снимки од нередите во САД.

Портпаролот на министерството за надворешни работи, Абас Мосави, во понеделникот повика американските власти „да прекинат со насилството врз сопствениот народ и да го остават да дише“.

XS
SM
MD
LG