Линкови за пристапност

Штрајкувачите од СОНК упатија упатија предупредување до власта


Универзитетските професори на 22-от ден го прекинаа штрајкот со глад

Денешниот протест на Синдикатот на образование, наука и култура (СОНК) пред зградата на Министерството за образование траеше едвај десетина минути. На изненадување на силите на редот и на медиумските екипи, неколкуте стотици демонстранти што со знамиња и свирчиња пристигнаа пред Министерството, мирно, како што и дојдоа, брзо се повлекоа, по само десетина минути протест.

Според изјавите во македонските медиуми, просветните работници - членови на СОНК, пред протестот се соочувале со бројни притисоци и закани. Таквите притисоци за „минирање“ на скопскиот протест наводно биле упатувани и кон превозниците, поради што две третини од договорените автобуси ги раскинале договорите за превоз. Според СОНК, во Кавадарци полицајците ги евидентирале сите граѓани што влегувале во автобусот за скопскиот протест. Според поранешниот водач на СОНК, Дојчин Цветановски, од триесетина автобуси ангажирани за превоз на синдикалците од внатрешноста до Скопје, сопствениците на компаниите откажале дваесетина. Според активистите на Синдикатот, полицијата ги запирала автобусите со синдикалците, им ја проверувала техничка исправност на автобусите и ги задржувала, па затоа претседателката на Хелсиншкиот комитет за човекови права, Уранија Пировска апелираше - сите незаконски легитимирани граѓани да се јават во канцеларијата на Комитетот.

За денешниот протест, СОНК ги повика своите членови да излезат пред Министерството за образование и наука во Скопје, под маски: „Симболично им е кажано на членовите да понесат маски, со цел да го сокријат својот идентитет и да се заштитат од сè почестите притисоци и закани дека ќе има санкции врз нив“, изјави претседателот на СОНК, Јаким Неделков.

По денешниот протест пред Министерството за образование, СОНК и тројцата професори од штипскиот Универзитет, коишто 22 дена штрајкуваа со глад, постигнаа договор - штрајкот да мирува, како знак на добра волја и како обид за анулирање на обвинувањата за политичка опачина на штрајкот. Но, СОНК потенцираше во своето соопштение дека „и понатаму безрезервно ќе ги поддржува тројцата универзитетски професори, се` додека не се реши проблемот кој е создаден со скандалозно кршење и непочитување на оценките на рецензентските комисии, како и на решението на Државната просветна инспекција“.

Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ), покрај синдикалната солидарност и поддршката штрајкот на колегите од СОНК, денес ги охрабри колегите, порачувајќи им „здружено и заеднички да го демонстрираат несогласувањето со актуелните состојби, наспроти притисоците и манипулациите со кои се соочуваат. Свесни дека образованието, науката и културата се темелите на едно општество и на секоја цивилизирана заедница која сака да напредува, сметаме дека проблемите со кои се соочуваат вработените во оваа гранка, не смеат и не можат да бидат прашање само на струката, туку дека тоа е прашање на целото општество... Уривањето на професионалното и работно достоинство, како што е тоа случај со професорите од Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип кои штрајкуваат со глад, не може да биде игнорирано“, порача ССНМ.

СОНК денес порача дека постои загриженост за многу состојби во образованието, науката и културата во Република Македонија, што не смеат да бидат одлика на 21-от век; дека Синдикатот чувствува одговорност и дека како просветни, научни и културни работници не можат да се помират со состојбата, дека е евидентна неподносливата политизацијата во образованието, науката и културата во целиот транзиционен период и дека голем дел од негативните состојби се последица од тоа; дека надлежните институции и органи во државата, свесно или не, не преземаат мерки за надминување на тие состојби, а понекогаш се и нивни генератори, како и дека искрените обиди на СОНК - со методи својствени за најсовремените синдикати, преку социјален дијалог и партнерство - да се договорат решенија за постоечките проблеми и за градење на вистинска стратегија за образование, наука и култура, како темел на иднината на државата, најчесто се игнорирани или одбивани од другиот партнер.

XS
SM
MD
LG