Административните службеници во судската и јавнообвинителската служба, Фондот за здравство, како и од Канцеларијата на Народниот правобранител, во организација на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ) денеска излегоа на протест пред Собранието незадоволни од висината на личниот доход кој им се исплаќа. Тие од пратениците побараа да ги поддржат во нивните барања и да ги инкорпорираат во Буџетот за 2024 година кој допрва треба да го гласаат.
Револтот кај нив дополнително го зголеми покачувањето на функционерските плати за 78 отсто, додека тие протестираат за плати со кои ќе може да имаат барем достоинствен живот.
Претседателот на УПОЗ, Трпе Деаноски, ги овика пратениците да застанат на страна на работниците и го обвини вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, дека ги прекинал преговорите кои течеа во Владата.
„Доколку пратениците не почнат да си ја работат својата работа и доколку не застанат на страната на работниците кога ќе го гласаат новиот буџет, да знаат дека се ближат избори, а вработените паметат“, рече Деаноски.
Поддршка на протестот имаше и од административни службеници од повеќе други синдикати.
Инаку, вработените од судската и јавнообвинителската служба се во штрајк од 27 септември штрајкуваат барајќи исплата на додатоците на плата и зголемување на платите за 78 проценти, износ за кој беа зголемени платите на избраните и именуваните лица.
Протестот почна пред Собранието од каде незадоволните административци се упатија кон министерството за правда и потоа пред Владата.