Линкови за пристапност

Протестот од тапани, до истрели: На фотографиите забележани две лица со пиштоли, еден приведен


Набргу почна меѓусебно гаѓање со камења, при што едно лице од групата кај „Скендербег“ извади пиштол и го насочи кон демонстрантите
Набргу почна меѓусебно гаѓање со камења, при што едно лице од групата кај „Скендербег“ извади пиштол и го насочи кон демонстрантите

Инцидентот се случи во мигот кога поворката од неколку илјади демонстранти излегуваше од подвозникот кај поранешната стоковна куќа „Мост“. Тогаш дојде до дофрлања и вербални дофрлања меѓу дел од учесниците во протестот и насобрани лица кај плоштадот „Скендербег“.

Две лица со пиштоли се забележуваат на фотографиите од медиумските екипи што го следеа денешниот протест во Скопје, а којшто се одржа против францускиот предлог за почеток на преговорите со ЕУ.

Инцидентот се случи во мигот кога поворката од неколку илјади демонстранти излегуваше од подвозникот кај поранешната стоковна куќа „Мост“. Тогаш дојде до дофрлања и вербални дофрлања меѓу дел од учесниците во протестот и насобрани лица кај плоштадот „Скендербег“.

Набргу почна меѓусебно гаѓање со камења, при што едно лице од групата кај „Скендербег“ извади пиштол и го насочи кон демонстрантите. Во мешаницата се слушнаа и истрели од огнено оружје.

Полицијата што го обезбедуваше протестот во првите минути од судирот не беше во можност да ја смири ситуацијата. Тензиите се намалија откако се појавија интервентни полициски единици, кои ја растурија групата кај Скендербег и изведоа приведувања.

Според неофицијалните информации едно од лицата што употребило огнено оружје е сопственик на хотел и брат на функционер од опозициската Алијанса.

Од МВР пак соопштија дека „е приведено лицето кое пукаше кај споменикот „Скендербег“ .

„Вечерва во 20.10 часот пред банка спроти споменот Скендербег, полициски службеници од СВР Скопје го лишија од слобода Е.Ј.(40) од Скопје, кој претходно испукал со пиштол во воздух, додека група демонстранти, кои се движеле на потегот од Владата на Република Северна Македонија кон Министерството за надворешни работи, го нарушиле јавниот ред и мир со фрлање со камења кон група граѓани. Е.Ј. е приведен во полициска станица, а на местото се пронајдени чаури. По документирање на случајот против него ќе биде поднесен соодветен поднесок“, соопштија официјално од МВР.

Лидерот на ВМРО - ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на вонредна прес конференција, ги обвини владејачките СДСМ и ДУИ дека го монтирале нападот за да се креира меѓуетничка тензија со цел тие да ја задржат власта.

„Вечерва се случи тежок инцидент кој по сите параметри е класична полициска монтажа чија цел беше или убиство на недолжен граѓанин или моја ликвидација. Ова требаше да личи на меѓуетнички конфликт, а всушност не е ништо повеќе од борба за власт, фотељи и функции на партиите кои се дел од Владата. Ова нема врска со меѓуетничка нетрпеливост. Полицијата не беше тука. Мистериозно се појави група од десетина лица вооружени кои истрелаа десетина куршуми кои само за среќа не погодија никого од илјадниците кои мирно излегоа да протестираат. Ваквото сценарио го најави власта. Министерот за надворешни работи Бујар Османи најави дека ќе има етнички тензии ако не помине предлогот за асимилација и бугаризација на Македонија. Спасовски и Ковачевски во континуитет градат милитантен контекст за создавање на тензии и поделби“, рече Мицкоски.

Тој додаде дека добивал информации за негова ликвидација, кои до вечерва не ги сфаќал сериозно.

„Подолго време добивам неформални информации за моја елиминација нарачана од власта на кои не им придавав значење. Вечерва видовме најмалку две вооружени лица кои беа подготвени тоа да го направат“, рече Мицкоски.

Се огласија и од СДСМ, од каде рекоа дека Мицкоски не бил мета, туку, како што велат, режисер на крваво сценарио.

„Срамно, страшно и опасно е однесувањето на опозицијата која се обидува да прикаже некакви меѓуетнички тензии кои всушност се предизивикани од највиоски претставници на партиите во опозиција. Ова е човекот за којшто Мицкоски според нивното крваво сценарио требаше да глуми негов напаѓач. Цуфи Кока. Погледнете за кого станува збор, веќе МВР го приведе ова лице. Овој човек е брат на висок член на коалицискиот партнер на Христијан Мицкоски, Алијасна, којшто воедно е директорот на Јавното претпријатие Комунална Хигиена Скопје“, велат од СДСМ.

Од ДУИ упатија осуда за инцидентот, при што тврдат дека станува збор за изрежирана ситуација, а лицето од фотографијата, како што наведуваат, е близок до функционер од локалната власт поставен од ВМРО-ДПМНЕ.

„Инцидентот меѓу активистите на ВМРО, ЛЕВИЦА и Алијанса не може да се смета за однапред смислен и планиран од оваа коалиција бидејќи протагонисти беа токму овие три партии и нивните поддржувачи. Лицето што вечерва ги нападна коалициските партнери, вчера заедно со својот брат водеше кампања за ВМРО ДПМНЕ, додека денеска е функционер на ВМРО, директор на Општинска хигиена во Скопје“, стои во соопштението на партијата од каде повикаа на смиреност за да се избегнат меѓуетнички инциденти и насилство на протестите.

Од опозициската „Левица“, пак, вината ја лоцираат кај владејачката коалиција и обвинуваат дека станува збор за смислено сценарио кое го најави шефот на дипломатијата Бујар Османи за меѓуетнички тензии.

„Граѓаните вечерва беа сведоци на уште едно насилничко сценарио на пробугарската СДС и терористичката ДУИ, кога група кај Мавровка се обиде да ги каменува мирните демонстранти. Дел од лицата очигледно имаа намера да пукаат кон групата, а веќе во јавноста излегоа слики дека се работи за лица кои се партиски активисти на власта. Фактот што народот се обедини како никогаш досега против таканаречениот француски предлог, доведе да СДС и ДУИ прибегнат кон нивните познати тактики на исценирани конфликти. Тоа што министерот Оливер Спасовски постојано најавува дека има информации за тензии, наместо да преземе активности за да ги превенира истите – само потврдува дека хибридниот режим не избира методи за да ја спаси власта“, соопштија од Левица.

После инцидентот кај плоштадот „Скендербег“ демонстрантите продолжија кон Собранието. Таму ситуацијата беше значително помирна од вчеравечер. Единствено во еден миг група од неколку лица почна да фрла јајца, но и камења и петарди кон Собранието и полицијата.

Набргу мнозинството од демонстрантите им се спротивстави на тие лица, при што дојде до кус физички судир. Во инцидентот беше нападната и новинарска екипа од страна на дел од демонстрантите.

XS
SM
MD
LG