Линкови за пристапност

САД одобрија нов третман за ракот на простатата


САД одобрија нов третман за ракот на простатата
САД одобрија нов третман за ракот на простатата

Американската управа за храна и лекови одобри вакцина против рак на простата – прв третман од ваков вид

Лекарите велат дека се работи за пресвртен момент: Американската управа за храна и лекови одобри вакцина против рак на простата – прв третман од ваков вид. Вакцината не е чудотворно средство што нуди излекување, но затоа може да го продолжи животот на заболените.

Идејата е едноставна – самиот имун систем да се бори против ракот. Името на вакцината е Провенџ. Во клиничките испитувања им била дадена на лица со напреднат рак на простатата и во просек го продолжила животот за четири месеци.

Чарлс Дрејк од Универзитетот Џонс Хопкинс коментира дека иако навидум тоа не е долго, сепак е важен напредок:

„Во однос на ракот, четири месеци повеќе, со добар квалитет на живот – тоа е мошне значајно“.

Провенџ не е класична вакцина, бидејќи не спречува болест – таа само ги насочува белите крвни зрнца на пациентот да го напаѓаат ракот.

Доктор Ненси Досон од Универзитетот Џорџтаун наведува дека терапијата има многу малку контраиндикации, а и трае покусо, за разлика од хемотерапијата:

„Три инфузии, а целата терапија во основа трае четири недели“.

Но, Провенџ не е лек за ракот. Некои лекари сметаат дека вакцината треба да се користи порано во текот на болеста, по првичната операција или радијација, за да ги уништи преостанатите канцерогени клетки и да го продолжи животот уште повеќе.

Чарлс Дрејк најавува дека овој третман ќе се употреби и за другите видови на рак.

Ќе биде потребно извесно време пред Провенџ да стане достапна за широка употреба, но ракот на простата расте релативно бавно, така што најверојатно многумина ќе може да имаат корист од третманот.

XS
SM
MD
LG