Западот постојано ја намалува зависноста од руските фосилни горива, но проширувањето на ова нуклеарно гориво се покажува како поголем предизвик.
Според Форбс, руската државна корпорација за нуклеарна енергија Росатом контролира само 38 отсто од светскиот пазар на збогатен ураниум, а Русија како целина поседува 46 отсто.
Украинските власти постојано апелираат до западните влади, барајќи од нив да ја санкционираат руската нуклеарна индустрија, особено Росатом.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски исто така ги повика лидерите на Европската унија да заземат поцврст став.
„Украина не разбира зошто сè уште нема воведени санкции за Росатом, чии вработени продолжуваат да ја окупираат нуклеарната централа Запорожје и ја ставаат нашата безбедност на ризик“, истакна Зеленски.
Одговорот е во увозните бројки. Според Еуратом, Агенција за снабдување на ЕУ со атомска енергија, Европа пријавила дека добивала околу 17 отсто од својот ураниум во 2022 година од Русија и околу 27 отсто од рускиот сојузник Казахстан. Зависноста на ЕУ од нуклеарното гориво на Русија се очекува да расте додека нациите прифаќаат алтернативи на фосилните горива.
Само во 2022-ра, американските компании купија нуклеарно гориво од Русија во висина од една милијарда долари. Во април 2023-та, САД воведоа санкции против подружниците на Росатом.
„На почетокот од воведувањето на санкциите од САД во 2014-та, ја повикав секоја компанија што соработуваше со Русија да најде начини да ги диверсифицира своите извори, за да не се потпира исклучиво на Русите. Мислам дека доцниме со диверзификација со изворите на нуклеарен материјал“, вели Даниел Фрид, експерт од Атлантски совет.
Соња Шмид се согласува. Таа е вонредна професорка по научни и технолошки студии на Универзитетот Вирџинија Тек. Вели, Западот може да најде други добавувачи, но ќе биде тешко да се најдат алтернативни начини за збогатување ураниум.
„Збогатувањето ураниум не се прави преку ноќ. Тоа е процес кој бара време, бара инвестиции, ѝ е скап. На капиталистичкиот пазар, купувате од некој кој веќе има такви капацитети и кој може да го обезбеди“, истакнува Соња Шмид, професорка од Вирџинија Тек.
Украина има за цел да стане таков снабдувач. Министерот за енергетика Герман Галушченко рече дека земјата потпишала договор во јуни 2022 година со американската нуклеарна компанија Вестингхаус за снабдување со гориво на сите украински атомски Централи.
Галушченко верува дека Украина може да започне со производство на сопствено нуклеарно гориво за околу три години. Со текот на време, Украина може да испорача нуклеарно гориво на Чешка, Словачка, Финска и Бугарија, кои ги користат истите реактори како Украина.
„Тоа ќе ни овозможи да се ослободиме од рускиот монопол“, укажува Галушченко.
Некои европски земји веќе презедоа чекори за надминување на нивната зависност од руското нуклеарно гориво.
Финска го раскина договорот со Русија за изградба на нова електрана, а шведско државно претпријатие „Ватенфал“ одби да купи руско нуклеарно гориво.
Многу западни земји сè уште зависат од нуклеарното гориво на Русија, а тоа ги забавува ефектите што санкциите би можеле да ги имаат врз Русија.
Решението, сметаат експертите, лежи во пронаоѓање алтернативни извори, а Украина се надева дека може да се наметне како еден од тие ресурси.
Facebook Forum