СКОПЈЕ - Сопствениците на станови, куќи и викендички кои се во странство или едноставно не ги користат во најголемиот дел од годината ќе бидат опфатени со надоместокот „пристап до мрежа“ , појаснија од регулаторната комисија. Според нив, оваа давачка има цел правично да се распоредат трошоците кај граѓаните бидејќи сметаат дека станува збор за луксуз а домашните енергетски компании се должни да ја одржуваат електричната мрежа за да може тие куќи, станови и викендици да имаат пристап до електрична енергија 365 дена во годината.
„Дали некој ќе плаќа повеќе да. Тие што имаат викендици и кои месечно трошат по десет киловат часови ќе плаќаат повеќе. Ама затоа тие кога ќе отидат во викендичката, ќе вклучат светло, ќе пуштат греење или телевизор и ќе сакаат да наполнат телефон имаат во секој момент на располага електрична енергија. Таа привилегија треба да се плати“, изјави професорот Рубин Талевски.
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимовски, потенцираше дека „пристапот до мрежа“ воопшто не е нова давачка и ќе допринесе за намалување на вкупната цена на струјата. Мрежарината учествува со 33 отсто во конечната цена на струјата а со воведувањето на „пристапот до мрежа“ ќе се намали до 20 отсто што значи намалување на конечната цена на струјата за 8 отсто кај редовните потрошувачи. Сопствениците на имот кои ќе бидат опфатени со данокот „пристапот до мрежа“ или данокот на луксуз ќе треба да плаќаат меѓу 50 и 150 денари месечно повеќе.
„Значи не е казна. Воведуваме правична распределба. Секој да учествува со соодветно. Не може во оваа држава постојано на тие што се редовни , што плаќаат, на тие што придонесуваат на крајот на денот да се одржува оваа мрежа се да оди на нивен грб. Дали не сметате дека некој што има пет стана ќе му биде проблем да плати 100 денари месечно за кога ќе треба тој стан да живее или да го издаде под кирија, кираџијата да има струја. За да вклучи струја таа мрежа некој треба да ја одржува“, изјави Марко Бислимовски, претседател на РКЕ
Регулаторите веќе од денес почнуваат со анализа на доставените барања за зголемување на цените од домашните енергетски компании, МЕПСО, МЕМО и Електродистрибуција. Но оттаму напоменуваат дека барањата не се комплетни бидејќи во МЕПСО до крајот на неделава треба да завршат тендерите за набавка на електрична енергија со која би ги покриле загубите.
„Врз основа на некои наши претпоставени цени како што ќе биде набавката на загубите во МЕПСО имајќи ги предвид нивните податоци за оперативни трошоци и останати трошоци како и веќе завршениот тендер за загуби кај Електродистрибуција каде цената е 105 евра за мегават час наместо досегашните 100 евра за мегават час. Доколку сето тоа се прифати и се стави во нашиот систем зголемувањето на цената на електричната енергија би изнесувало 27 проценти“, изјави Бислимовски, претседател на РКЕ
ЕСМ веќе соопшти дека цената за мегават час кон универзалниот снабдувач ЕВН ќе биде 57 наместо досегашните 53 евра и дека ќе обезбеди 95 наместо како досега 100 отсто од потребите на австриската компанија.
Одлуката за новата цена ќе ја соопшти универзалниот снабдувач но претходно ќе оди на проверка кај регулаторите кои треба да ја одобрат.