СКОПЈЕ – Изборен законик со вклучени забелешки на ОБСЕ/ОДИХР а потоа дебата за изборниот модел и евентуалнен премин кон една изборна единица, отворени листи и изборен праг. Ова се заклучоците од денешната конситутивна седница на Работната група за Изборниот законик со која ќе претседава Алекасандар Николовски а во која има претставници од партии од власта и опозицијата, три министерства, неколку институции и невладини организации. Единствено свој член не делегираше ВМРО – ДПМНЕ која најави дека ќе гласа за промена на изборен модел.
Нов изборен модел и една изборна единица е барање на помалите парламентарни и вонпарламентарни партии. Вчера и од СДСМ и од ВМРО ДПМНЕ повторија дека се „за„ оваа идеја. Сепак од СДСМ инсистираат на консензус, а од опозицијата побараа најпрво владејачките партии да се договорат меѓу себе за да можат да дадат поддршка на било каква измена.
Отворени прашања покрaј една изборна единица се и отворени или затворени листи и изборен праг за влез кои не се поврзани меѓусебно а за кои ќе има дебата бидејќи не сите партии го делат истиот став.
Партиите од албанскиот блок имаат свои ставови и барања. Алијанса за Албанците бара дури осум изборни единици, ДУИ начелно се за постоечкиот изборен модел но доколку има измени и тие имаат свои услови кои се поврзани со прагот и листите.
„ Секако дека нашиот став уште од почеток е дека сите препораки на ОБСЕ / ОДИХР треба да се преточат на конретни законски одредби кои ќе бидат дел од Изборниот законик. Отворени сме да дискутираме за било кој предлог врз основа на аргументите. Денеска не зборувавме на оваа тема. Немаше материјална расправа за предлозите. Треба да истакнам дека оваа работна група не е формирана исклучиво само за ова прашање, за измена на моделот на изборите туку и за други прашања. Ако зборуваме за моделот и ако се одлучиме за една изборна единица треба да се одлучиме и за праг и за отворени листи. Праг од пет отсто. Такви искуства има но ќе се воздржам за дополнителни коментари“, изајви Арбр Адеми, претставник на ДУИ во работната група.
Кои се приоритетите на Работната група потврди и министерот за правда Кренар Лога, кој на второ место го истави изборниот модел.
„Првиот дел ќе биде да ги затвориме сите забелешки и препораки на ОБСЕ/ОДИХР а во вториот дел истата работна група ќе работи на изготвување на нов Изборен закон. Имаме консензус за оваа работна група да ги инкорпорираме препораките на ОБСЕ/ОДИХР, моделот не ни е приоритет. Останува да имаме нов пречистен текст на овој Изборен зкаоник а исто така да се внесат сите забелешки. Ова е прва задача на работната група а втора задача е изготвување на нов Изборен законик. ВМРО – ДПМНЕ го кажаа нивниот став дека ќе ги гласаат сите измени на Изборниот законик. За вториот дел, Работната група ќе ги земе сите нивни ставови предвид и ги повикувам да бидат дел од работната група и да не ја мачиме јавноста“, изјави Кренар Лога министер за правда.
За претседателот на Работната група, Николовски, приоритет е законскиот рок за измени.
„ Денеска мислам дека договоривме одредени работи кои се клучни за успех на работата на оваа Комисија а тоа е да почнеме со забелешките на ОБСЕ и потоа ќе се работи на новиот Изборен законик. Се надевам дека ќе излеземе со предлог и ќе успееме да ги запазиме роковите утврдени со европски стандарди измените да бидат имплеметирани во период од шест месеци пред изборите“, рече Николовски.
Наредната година треба да се одржат редовните претседателски избори а опозицијата бара истовремено да се одржат и предвремени парламентарни избори.