Линкови за пристапност

„Сведоштво ЗА семејството“ Vs „Скопје Прајд“


Во сабота напладне низ Скопје, истовремено и паралелно, ќе маршираат и активисти за ЛГБТИ-права од целиот регион, на првата „Парада на гордоста“, во организација на Национална мрежа за борба против хомофобија и трансфобија, и православни верници од граѓанско-верската платформа „Сојуз за живот“, кои ќе ги промовираат „вистинските традиционални семејни вредности и начин на живот“

„Министерството за внатрешни работи ги презема сите мерки за да го гарантира јавниот ред и мир. Каков било обид за насилство ќе биде најстрого санкциониран“, најави на неодамнешната прес-конференција, портпаролот на МВР Тони Ангеловски, по повод одржувањето на првата „Парада на гордоста“ („Скопје Прајд“) во Република Севрна Македонија, во сабота на 29 јуни. Ваквиот дециден став на полицијата, следеше по реакцијата на организаторите на парадата, дека се изложени на изблици на омраза на социјалните мрежи.

По повиците на активистите за човекови права за заедничка борба за праведно општество во кое се почитуваат правата и слободи на сите граѓани, вклучително и ЛГБТИ-лицата, и најавите дека ЛГБТИ-заедницата и поддржувачите на човековите права на нејзините припадници во Република Северна Македонија, ќе ја одбележат 50-годишнината од демонстрациите во Њујорк („Бунтот од Стоунвол“, за создавање на движење за права на ЛГБТИ заедиците ширум светот), со „Парада на гордоста“ и низ Скопје, имаше бројни спротивставени реакции на социјалните мрежи

А иницијативата „Сојуз на живот“, најави контра-парада, против „промоцијата на неприродното семејство“, под слоганот „Сведоштво за семејството“. Организаторите кои, според објавите во медиумите, ја имаат поддршката на Брегалничката епархија на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, истакнуваат во соопштенијата дека сакаат да ја „прикажат вистината за тоа што е брак, семејство и пол и како придонесуваат тие за животот“.

Така, во сабота на 29 јуни, напладне, „Парадата на гордоста“ ќе се одвива од паркот спроти парламентот, низ центарот на градот до Градскиот парк, а во истиот термин, за зачувување на „вистинските традиционални семејни вредности и начин на живот“, ќе се одвива и паралелниот марш од скопската црква „Св. Богородица“ до Соборниот храм „Св. Климент Охридски“, каде ќе биде прочитана Декларација за заштита на бракот и семејството.

„Откако објавивме дека ќе го одржиме првиот ‘Скопје Прајд’, евидентни беа обидите со омраза да се засени пораката за еднаквост и да се потцени можноста за зголемување на свесноста за хомофобијата, трансфобијата и бифобијата... Евидентни се обидите да се потцени можноста отворено да разговараме за хомофобијата, трансфобијата и бифобијата, кои не само што носат до ситуации на нееднаквост, туку и го зголемуваат ризикот од насилство врз ЛГБТ заедницата... Но, и покрај тоа, добивме голема поддршка и многумина нè контактираат да ни кажат дека ќе дојдат со нас на 29-ти јуни, да го изодиме маршот - во спомен на сите борци за човековите права на ЛГБТИ заедницата во минатото, со поддршка на сите маргинализирани групи и борци за човековите права во оваа дестабилизирана сегашност и со идеја за општество каде сите ќе се еднакви - за идните генерации’’, порача активистот Кочо Андоновски, во име на организаторите.

Според Антонио Михајлов од Организацискиот одбор на „Скопје прајд“, и извршната и законодавната власт им изразиле поодршка: „Имаме најава дека дел од министрите и пратениците ќе учествуваат на самиот настан, а свое обраќање ќе има министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска... ‘Скопје Прајд’ е сигурен и безбеден настан за сите, па ги повикувам ЛГБТИ луѓето, поддржувачите, и сите граѓани и граѓанки кои се залагаат за еднаквост и инклузивност, да ни се придружат“.

Според организаторите, „’Парадата на гордоста’ креира простор кој еманципира и ослободува, и е отворен за сите, без разлика на нивната нација, вера, род, сексуална ориентација, родов идентитет..“.

„’Парадата на гордоста’ креира простор кој еманципира и ослободува, и е отворен за сите, без разлика на нивната нација, вера, род, сексуална ориентација, родов идентитет..“
Од организаторите

Учесниците на парадата (организаторите очекуваат од 200-500) ќе носат алки на „Скопје Прајд’, а покрај предвидените обраќања, ќе има и музичка програма. Организаторите побараа поддршка и активно учество на политичари, јавни личности, активисти и уметници, и ги повикаа да се солидаризираат со ЛГБТИ луѓето.

Во регионот само Македонија и Босна и Херцеговина досега не организирале Парада на гордоста, а покрај утрешниот настан, сличен е најавен и во Сараево, за септември.

Активистите за права на ЛГБТИ-популацијата го оценија најавениот паралелен марш како заплашување и обесхрабрување на луѓето да присуствуваат на нивниот настан, но децидни се дека таквите обиди нема да успеат.

Организаторите пак, на паралелниот, „граѓанско-верски настан“, низ соопштенија порачуваат дека „Сведоштвото ЗА семејството“ не е насочено против никого. Но потенцираат дека „решително застануваат против можноста во македонското општество да се внедрува и озаконува ЛГБТИ-пропагандата и џендер идеологијата!“

„Особено е опасна џендер (gender) идеологијата затоа што таа се залага за формирање на флуиден/ менлив род кај поединецот!“, порачуваат од „Сојузот за живот“.

„Доколку не сакате во македонското општество да се соочите со редефинирање на бракот од света, љубовна и животодавна заедница помеѓу маж и жена во заедница помеѓу партнер 1 и партнер 2, не сакате внесување на идеологијата на флуидниот род од детските градинки до факултетите, внедрување и озаконување на ЛГБТИ-пропагандата како нешто нормално и прифатливо; посвојување на деца од истополови „бракови“ и тотално негирање на божјите и природните вистини и закони за животот, сексуалноста, бракот и семејството, тогаш, вашето место на 29 јуни 2019 година е пред црквата ‘Св. Богородица’ од каде заедно, семејно ќе ја започнеме нашата прошетка што сведочи ЖИВОТ!“, повикуваат од „Сојузот за живот“.

Во едно од соопштенијата, беше наведено и дека се повикани сите верски заедници, но официјално нема потврда дали МПЦ-ОА, Исламската верска заедница, Католичката или Евангелско – методистичка црква ја подржуваат контра-парадата. Најавено е дека потписници на Декларацијата за заштита на бракот и семејството ќе бидат организациите: „Традиционално семејство“ и „Светла визија“ од Штип, Светскиот македонски конгрес, Движењето за организирана духовна обнова на Македонија (ДОДОМА), „Св. Спас“, „Агапе“, „Македонски каритас“, „Утешител“, Македонското патриотско суверенистичко движење од Скопје, „Воскресение“ од Кочани...

Во пресрет на Парадата на гордоста, се огласија и Советот за етика во медиумите (СЕММ) и Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и ги повикаа медиумите да известуваат професионално и одговорно, третирајќи ги темите што ја засегаат ЛГБТИ заедницата низ призма на афирмација на човековите права и осудувајќи го говорот на омраза и дискриминацијата врз основа на сексуалната ориентација и родовиот идентитет. Двете организации апелираа - медиумите да не дозволат да бидат злоупотребени и да послужат како средство за упатување повици за обединување на поединци и групи за радикално однесување и постапки кои го загрозуваат јавниот ред и мир во општеството.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG