Линкови за пристапност

ЛДП бара одговорност од РКЕ


Судството во Македонија е ефикасно и ажурно само кога треба да ги штити интересите на Владата, тврди партијата.

Либерално-демократската партија денес протестираше против бавноста на Уставниот суд кој требаше да ги оцени Правилата за снабдување со топлинска енергија донесени од Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), врз основа на кои дојде до поскапување на електричната енергија и на централното греење, беше укината евтината електрична енергија, а граѓаните кои се исклучени од мрежата на Топлификација, мораат да ги плаќаат сметките.

Уставниот суд сé уште не ја поставил на дневен ред точката што се однесува на оваа мерка, а за чија уставност се заинтересирани граѓаните ширум државата.

ЛДП реагираше дека „е очигледно оти судството во Македонија е ефикасно и ажурно само кога треба да ги штити интересите на Владата и во тој случај пресудите се носат во рок од 48 часа, како што беше со случајот за штрајкот со здравството. Но, кога, се работи за заштита на правата на граѓаните, Судот демонстрира невидена ароганција и бавност или можеби има инструкции оваа точка да не биде поставена на дневен ред“.

Партијата го повика премиерот Никола Груевски веднаш да преземе конкретни мерки за утврдување на одговорноста на членовите на комисијата, а од самата РКЕ бараат поништување на одлуките и враќање на старите цени за електрична и за топлинска енергија.

Премиерот, пак, уште кон крајот на минатиот месец реагираше дека Владата ниту е одговорна, ниту е среќна поради поскапувањето на енергенсите.

„Владата ниту ја одредува цената на бензинот, ниту цената на струјата, ниту на парното. Тоа е во целосна надлежност на Регулаторната комисија за енергетика, како што беше и во времето на СДСМ. Тоа не е сега измислено. Тоа е измислено во минатото и регулаторната комисија работи по одредени меѓународни правила и формули кои се прифатени во сите држави и истите формули беа прифатеми во времето на СДСМ“, изјави тогаш Груевски.

За поскапувањето вчера се огласи Хелсиншкиот комитет за човекови права на Македонија (ХКМ), според кој потезите на РКЕ се донесени на нелегитимен начин. ХКМ наведува дека 11 од 15-те прописи, што регулаторите ги донесоа за само седум дена на крајот на јули, се донесени врз основа на погрешни или непрецизно утврдени членови од Законот за енергетика. Така, Комитетот вели дека РКЕ се повикува на член 24 од Законот за енергетика, во кој воопшто не се третира односната проблематика.

„При носењето на тарифните системи за електрична енергија се посочени алинеи од законот, кои воопшто не постојат... Се јавува сомнеж дали биле запазени сите законски одредби кои се однесуваат на заштита од монополи и правата на потрошувачите, кои Законот за енергетика ги пропишува како обврски на Комисијата. Хелсиншкиот комитет смета дека во случајов не се работи за технички, туку за суштествени грешки кои ја доведуваат во прашање јасноста, прецизноста и предвидливоста на законите и подзаконските акти, а со тоа и нивната важност во правниот систем“, стои во соопштението на ХКМ.

Од Комитетот најавуваат дека доколку РКЕ не реагира на доставените забелешки, ќе поднесат претставка - иницијатива до Уставниот суд за испитување на законитоста.
XS
SM
MD
LG