Линкови за пристапност

Претставничкиот дом на Аризона гласаше да се укине забраната за абортус од 19. век


Сенатот на Аризона, каде републиканците имаат тенко мнозинство од 16 спрема 14, би можел да гласа за мерката на први мај
Сенатот на Аризона, каде републиканците имаат тенко мнозинство од 16 спрема 14, би можел да гласа за мерката на први мај

Законодавците во Претставничкиот дом на Аризона гласаа за укинување на забраната за абортус од 1864 година, која сепак би можела да стапи на сила во рок од неколку недели, доколку не биде укината од Сенатот.

Законодавците гласаа 32-28 за да се укине законот, кој не предвидува исклучоци за абортуси дури и во случаи на силување или инцест.

Тројца републиканци ги преминаа партиските линии за да им се придружат на сите 29 демократи во гласањето за укинувањето.

Сенатот на Аризона, каде републиканците имаат тенко мнозинство од 16 спрема 14, би можел да гласа за мерката на први мај.

„Возбудена сум што Претставничкиот дом конечно одлучи да ја направи вистинската работа и да ја укине архаичната речиси целосна забрана за абортус од 1864 година“, напиша гувернерката Кејти Хобс, демократка, на социјалните мрежи.

Хобс рече дека ќе потпише укинување на забраната доколку помине во Претставничкиот дом и во Сенатот.

„Одлуката да се абортира или да се бара каква било репродуктивна здравствена заштита, им припаѓа на пациентите, нивните семејства и нивните даватели на услуги, а не на политичарите“, изјави демократскиот претставник Оскар Де Лос Сантос за новинарите пред почетокот на седницата вчера.

Во изминатите две недели, републиканците во Претставничкиот дом ги блокираа демократите да го укинат законот. Претседателот на Претставничкиот дом Бен Тома, републиканец, рече дека е разочаран што „демократите очигледно веруваат дека абортусот треба да се случи без ограничувања и регулативи“.

„Терично не се согласувам со оние кои се залагаат за екстремизам преку неограничени и нерегулирани абортуси“, додаде Тома.

Борбата во Аризона за забраната на абортусот од ерата на Граѓанската војна е најнов удар за репродуктивните права на жените во САД.

Врховниот суд го укина уставното право на абортус во 2022 година, оставајќи им на државите да одлучуваат за ова прашање.

Државите предводени од конзервативците брзо повикаа на строги забрани за абортус во нивните граници.

Аризона, остро поделена меѓу демократите и републиканците, е клучна сојузна држава во претседателските избори. Републиканците кои гласаа за поддршка на законот од 1864 година ги критикуваа демократите и тројцата републиканци кои го укинаа, велејќи дека тоа го направиле само заради политичка корист.

Со или без укинување на законот од 1864 година, демократите од Аризона, исто така, се обидуваат да стават мерка за гласање пред гласачите во ноември што ќе ги врати правата за абортус.

XS
SM
MD
LG