Линкови за пристапност

Претседателот Пендаровски ги потпиша измените на Кривичниот законик


Невладиниот сектор и дел од експертите бараa тој да не го потпише указот. Измените предвидуваат намалување на затворските казни за службените лица и функционерите за сторени злоупотреби на службената положба или финансиски малверзации со јавни набавки. Измените на Кривичниот законик доаѓаат во период кога Северна Македонија е под силни критики од САД и ЕУ за неказнивост и неефикасна и неуспешна борба против корупцијата и отсуство на владеење на правото. Министерот за правда Кренар Лога не бил убеден дека измените се вистинско решение и не прифатил да биде предлагач


СКОПЈЕ – Претседателот Стево Пендаровски го потпиша Указот за измените на Кривичниот законик, кои на експресна лента запомалку од два работни дена ги минаа сите собраниски филтри и комисии и вчера во попладневните часови со 48 гласа „ЗА“ беше изгласан од пратениците. Голем број на експерти, невладини здруженија и организации од областа на борбата против корупцијата и владеењето на правото побараа тој да не го потпише Указот, но нивните аргументи дека измените се лоши и претставуваат амнестирање на криминал, не беа доволни да го разубедат шефот на државата.

Со новиот предлог закон за измени на Кривичниот законик (КЗ) се предлага намалување на казните за кривичното дело Злоупотреба на службена положба и овластување, се брише ставот 5 од членот 353 кој ја санкционира злоупотребата на службената положба и овластувања при вршење јавни набавки или на штета на Буџетот и на јавните фондови за кој беше предвидена казна од најмалку 5 години затвор, максималната казна затвор за Злосторничко здружение се намалува од 10 на 3 години, а се укинува и проширената конфискација за нелегално стекнат имот. Со намалување на висината на казната на конкретните дела се намалува и должината на нивното застарување

Од Кабинетот на претседателот соопштија дека измeните не предвидуваат амнестија на криминал сторен од функционери и службени лица.

„ Напротив, казни и понатаму се предвидени за сторителите на тие дела, со тоа што со овие измени акцентот е ставен и на т.н. проширена конфискација на имот. Во тој дел, измените на Законикот се усогласени со европската Директива за замрзнување и конфискација на предмети и имотна корист, која освен казната затвор, фокусот го става на одземањето на имотната корист од сторителите на овие кривични дела“, стои во соопштението од Кабинетот.

Претседателот Пендаровски сега очекува дека мерката проширена конфискација на имот нема да остане само на хартија како досега, туку ќе биде многу почесто применувана во пракса и во сите случаи на констатирани злоупотреби во вршењето на службата, незаконски стекнатата имотна корист и злоупотребените средства да бидат вратени во Буџетот.

XS
SM
MD
LG