Претседателот на Претставничкиот дом на САД, Кевин Мекарти, денеска ќе оствари средба со тајванската претседателка Цаи Инг-вен во Калифорнија.
Цаи која пристигна во Лос Анџелес по посетата на Гватемала и Белизе пред хотелот беше пречекана од група поддржувачи но и демонстранти.
Во исчекување на пристигнувањето на Цаи, нејзините поддржувачи скандираа, вееја тајвански знамиња и фотографии од претседателката.
Помала група на демонстранти поддржувачи на Кина се собраа во близина на тротоарот, извикувајќи „Една Кина“.
Планираните разговори предизвикаа противење од Кина и закани со контрамерки.
Кина тврди дека Тајван е нејзина територија, а нејзиниот конзулат во Лос Анџелес пред одржувањето на средбата рече дека Цаи учествува во такви разговори за да „приреди политичко шоу“.
Посетата на Цаи на Калифорнија следи по посетата на Латинска Америка, каде што таа ги посети некои од неколкуте преостанати сојузници на Тајван, Белизе и Гватемала. Хондурас неодамна објави дека ги прекинува врските со Тајван во корист на Кина.