Линкови за пристапност

Претседателот на иранскиот парламент се кандидира за претседател на државата


Конзервативниот кандидат Мохамед Калибаф беше избран минатата недела за претседател на новиот ирански парламент.
Конзервативниот кандидат Мохамед Калибаф беше избран минатата недела за претседател на новиот ирански парламент.

Претседателот на иранскиот парламент Мохамад Калибаф во понеделникот ја пријави својата кандидатура за изборите во земјата на 28 јуни по смртта на поранешниот претседател Ебрахим Раиси и други лица во хеликоптерска несреќа во мај.

Конзервативниот, тврдокорен политичар, Калибаф (62), им рече на новинарите по неговото кандидирање дека ќе го продолжи патот на Раиси. Тој рече дека сиромаштијата и зголемените цени се акутен проблем за Иранците додека нацијата се бори со меѓународните санкции.

„Ако не се кандидирав, работата што ја започнавме за решавање на економските прашања на луѓето во народната влада (на Раиси) и револуционерниот парламент, а сега е во фаза на реализација, ќе остане недовршена“, рече Калибаф.

Деталите за природата на тие планови остануваат нејасни бидејќи иранската валута риал продолжува да опаѓа, приближувајќи се до 600.000 за долар. Валутата се тргуваше по 32.000 риали за долар во 2015 година.

Калибаф рече дека ако не верува дека економските и социјалните прашања на Иран може да се поправат, тој „никогаш немаше да влезе во полето на конкуренцијата“.

Тој минатата недела беше избран за претседател на новиот ирански парламент. Функцијата ја извршуваше и во претходниот законодавен дом.

Калибаф беше градоначалник на Техеран од 2005 до 2017 година. Тој имаше неуспешни кандидатури за претседател во 2005 и 2013 година и се повлече од претседателската кампања во 2017 година во корист на Раиси.

Своите кандидатури за изборите во јуни ги пријавија и поранешниот претседател Махмуд Ахмадинеџад, поранешниот претседател на парламентот Али Лариџани, поранешниот шеф на иранската централна банка Абдолнасер Хемати и поранешниот нуклеарен преговарач Саид Џалили.

Изборите првично требаше да се одржат во 2025 година, но беа поместени по смртта на Раиси минатиот месец.

Калибаф и сите други кандидати мора да почекаат до 11 јуни за да видат дали нивните кандидатури ќе бидат одобрени од страна на Советот на чувари, тело во кое доминираат конзервативците што ги проверува кандидатите за избори.

Пријавувањето на кандидатите завршува во понеделник.

Некои информации за овој извештај дадоа Асошиетед прес и агенцијата Франс прес.

XS
SM
MD
LG