Линкови за пристапност

Претседателката Сиљановска ги свика членовите на Комисијата за помилување на состанок


Амнестираниот член на криминалната група „Барон“ утрово пуштен од затворот „Идризово“ и веднаш уапсен под сомнение дека пред десетина дена пукал во ривал од друга криминална група.

СКОПЈЕ – Шестмината членови на Комисијата за помилување попладнево се на состанок со претседателката Гордана Сиљановска – Давкова во „Вила Водно“ по жестоките реакции во јавноста околу неколку имиња кои се најдоа на листата на помилувани по повод празникот „23 Октомври – Ден на македонската револуционерна борба“, дознава Гласот на Америка на македонски јазик.

Дали претседателката Сиљановска - Давкова ќе бара одговори или одговорност или двете засега нема информација.

Еден ден по помилувањето, Акиф Равмановски, еден од водачите на криминалната група „Барон“ од скопски Чаир повторно се најде зад решетки. Тој денес беше пуштен од затворот „Идризово“ каде издржуваше казна од 1 година и три месеци заради нелегално поседување на оружје бидејќи беше помилуван од претседателката Сиљановска - Давкова и казната беше заменета со условна и веднаш уапсен. Равмановски се сомничи за обид за убиство во инцидент кој се случи пред десетина дена во скопски Чаир каде беше застрелан член на ривалскиот клан од селото Грчец, инаку баран со меѓународна потерница.

„Денеска (24.10.2024) во Скопје полициски службеници од СВР Скопје, го лишија од слобода А.Р. (29) од с.Арачиново во врска со кривично правен настан случен на 14.10.2024 на територија на Чаир, каде што од огнено оружје бил повреден Е.А. (35) од Скопје. По преземени мерки и активности и изготвените вештачења од страна на Одделот за форензички испитувања при МВР, утврдено е дека сторител е А.Р. и од страна на Единицата за насилен криминал при СВР Скопје во координација со ОЈО Скопје денеска (24.10.2024) поднесена е кривична пријава по брза постапка против А.Р. за кривично дело „убиство”, предвидено и казниво по член 123 во врска со член 19 од КЗ на РСМ“, стои во официјалната информација на МВР.

Обвинителството соопшти дека кај амнестираниот се најдени траги од барутни честички кои укажуваат дека пукал со огнено оружје.

„Вештачењата за присуство на барутни честички кои беа извршени по наредба на јавниот обвинител ги потврдија првичните сознанија дека сега осомничениот со огнено оружје – пиштол испукал неколку истрели во правец на оштетениот со умисла да го лиши од живот и му нанел прострелна рана во пределот на ногата“, стои во официјалната информација на Јавното обвинителство.

Реакциите во јавноста и кај политичките партии околу дел од амнестираните лица не стивнуваат. Партијата „Левица“ прстот го впери во министерството за правда.

Министерот за правда, Игор Филков, даде свој став.

„Имајќи ја предвид процедурата за помилување, но и временската рамка кога е испратено мислењето од Министерството за правда, во време на предизборие, се добива впечатокот дека овој процес е злоупотребен. Воедно, и отворањето на детали од процедурата од опозицијата посочуваат токму на подметнување на кукавичко јајце во овој процес. Помилувањето е дел од системот за рехабилитација и ресоцијализација. Комисијата за помилување пред себе мора да ги има фактите за делото врз кое е донесена осудителната одлука како и пропратните документи без да биде наведено име, и одлуката би требало да ја носи професионално и со личниот и професионалниот кредибилитет, без надворешно мешање“, е ставот на Филков.

СДСМ, пак, побара претседателската Сиљановска Давкова да ја повлече одлуката.

„Бараме од Кабинетот на Претседателката веднаш јавно да го објави мислењето на Министерството за правда, заради транспарентноста која толку многу ја ветуваа. Очигледно е дека учеството на ЗНАМ во оваа влада не е мотивирано од државотворни цели, туку од мрачни, криминални побуди. Овие помилувања го разоткрија тесниот сојуз меѓу ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и подземјето. Силјановска нема срам што криминалците ѝ се заблагодаруваат јавно, затоа што ова е само исплата на долгови што власта ги има кон нив. Со злоупотреба на функцијата на претседателката, оваа влада на ДПМНЕ ги става интересите на криминалците пред интересите на граѓаните“, изјави Богданка Кузеска, портпарол на СДСМ.

Равмановски е втор припадник на нарко-кланот Барон помилуван оваа година. Во март тогашниот претседател Стево Пендаровски за шест месеци му ја скрати казната на Бедри Зеќири.

XS
SM
MD
LG