Линкови за пристапност

Заврши новата истрага за загинувањето на претседателот Борис Трајковски


Остатоци од владиниот „Кинг ер“ што се урна во Босна и Херцговина на 26-ти февруари 2004-та
Остатоци од владиниот „Кинг ер“ што се урна во Босна и Херцговина на 26-ти февруари 2004-та

Расветлени сите ситници, утврдени многу нови работи, наведува главниот истражител Омер Кулиќ.

Oфицијално, заврши новата истрагата за падот на владиниот „Кинг ер“ пред десет години во Босна и Херцеговина, кога загинаа македонскиот претседател Борис Трајковски и осуммина членови на државната делегација и екипажот. Наодите за кобниот лет од Скопје до Мостар, што заврши кај Ротимље, македонската јавност ќе го дознае во текот на следниот месец. Ова го потврди главниот истражител, босанскиот експерт Омер Кулиќ. Тој, заедно со тим на меѓународни стручњаци, 18 месеци работеше на новата истрага којашто беше отворена откако седум години по трагедијата, македонските власти дојдоа до нови сознанија.

„Истрагата е завршена. Ние дефинитивно ги расветливме сите ситници, се до најситниот детал во сите организации кои учествувале во процесот што заврши со пад. Влеговме во најситни детали на проблемот, се разбира имаше пропусти, кај поединци и од организации и од државни органи. Утврдивме многу нови работи и дојдовме до одредени сознанија за се`. За деталите не смеам да зборувам затоа што професионалната обврска ме ограничува“, изјави Кулиќ во Скопје.

Овдешните медиуми шпекулираат дека тој содржи „компромитирачки податоци за улогата на поединци и институции во несреќата“, но Кулиќ вели дека и доколку такво нешто постои, тој не смее да се изјаснува, туку Обвинителствата во Македонија и во БиХ, коишто први мора да ги добијат информациите за истрагата.

Но затоа, пак, првиот човек на истрагата кажа дека многу нови детали за она што се случувало на кобниот лет се откриени со вештачењето на црните кутии и инструментите од „кинг ер“-от, направено во Германија.

„Двапати бевме во германскиот центар за истражување воздухопловни несреќи во Брауншвајг и сето тоа го разрешивме. Откривме некои нови работи, и тоа ќе се најде во извештајот“, истакна Кулиќ.

Улогата на меѓународните сили во Босна и Херцеговина (СФОР), која за многумина е контроверзна поради фактот што 24 часа по падот не ја откриваа локацијата, иако нивни сили биле присутни во близина, сепак, не е тема со којашто се занимава овој извештај, потенцира Кулиќ. Тоа ќе биде задача на Дирекцијата за трагање и спасување, потоа.

Претседателот на владиниот Комитет за истраги на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти Сотир Костов, за МИА потврди дека нацрт-извештајот ќе биде готов до крајот на месецов.

„Потоа следуваат 40 дена, ама ние ќе го скратиме тој рок, бидејќи многу работи се веќе разјаснети и нема што понатаму да се истражува. Во следните 15 дена ќе бидат дадени мислењата. Моја проценка е дека завршниот извештај ќе биде готов во средината на јули, евентуално втора половина на јули“, изјави Костов.

Дали ќе има кривичен прогон за падот на „кинг ер“-от и смртта на претседателот Трајковски, делегацијата и екипажот, ќе одлучи Обвинителството по објавувањето на извештајот.

Десет години, загинувањето на претседателот Трајковски и делегацијата се поврзуваше со некакви теории на заговор за атентат, преку пропуст на меѓународните организации, па се` до нестручност на пилотите. Токму последново беше заклучокот од првиот извештај на комисијата на Босна и Херцеговина - „процедурална грешка на пилотите при слетувањето на мостарскиот аеродром“. Обвинителството на БиХ тогаш не покрена никакво обвинение поради тоа што истрагата покажала дека нема елементи за некаква кривична постапка. Македонска Влада беше незадоволна и формира своја комисија, и по седум години од трагедијата, дојде до некои нови сознанија, по што беше формиран нов тим од меѓународни истражители.
XS
SM
MD
LG