Линкови за пристапност

Премиерот на Хаити поднесе оставка


Ариел Хенри ќе поднесе оставка по воспоставувањето на преодната власт.
Ариел Хенри ќе поднесе оставка по воспоставувањето на преодната власт.

Премиерот Ариел Хенри од Хаити се повлекува од функцијата. Тој ќе се повлече по формирањето на преодна власт која ќе управува со нацијата погодена од насилство до одржувањето на новите избори.

Претседателот Ирфаан Али од Гвајана го објави ова доцна во понеделникот во главниот град на Јамајка, Кингстон, каде што лидерите на регионалното тело Карипската заедница се состанаа за да разговараат за кризата на Хаити. Али го држи ротирачкото столче на Карипската заедница.

Карипската заедница издаде соопштение во кое се вели дека преодниот совет ќе биде составен од седум члена, од кои шест ќе претставуваат различни политички коалиции на Хаити и седмиот претставник од приватниот сектор, плус двајца членови од граѓанското општество без право на глас. Преодниот совет ќе го избере новиот премиер и ќе го започне процесот за одржување на следните претседателски избори.

„Хаитанците заслужуваат земја во која децата ќе можат да одат на училиште и нивните родители знаат дека ќе бидат безбедни“, се вели во соопштението.

„Ја пофалуваме подготвеноста и храброста на засегнатите страни на Хаити да се заложат да го вратат Хаити на патот кон демократија, стабилност и просперитет“, се додава во соопштението.

Најавената оставка на Хенри доаѓа една недела откако неговиот авион беше принуден да слета на американската карипска територија Порторико кога му беше забранет влез во Доминиканската Република, која го дели островот Хиспаниола со Хаити.

Хенри го напушти Хаити една недела претходно во мисија во јужноамериканската држава Гвајана и источноафриканската земја Кенија за да добие поддршка за распоредувањето на мултинационалните мировни сили на Обединетите нации на Хаити, кој е погоден од брутално и неконтролирано насилство од банди во главниот град Порт-о-Пренс и пошироко.

Бандите го искористија отсуството на Хенри за да го нападнат Националниот затвор и друг затвор во Порт-о-Пренс, убивајќи неколку луѓе и дозволувајќи им на илјадници затвореници да избегаат во градот. Бандите, исто така, организираа пукачки напади на главниот аеродром на Хаити.

Џими „Барбекју“ Шеризиер, водачот на сојузот на банди кои ги организираа нападите, рече дека бандите нема да дозволат Хенри да се врати на Хаити и го повика да поднесе оставка.

Владата прогласи вонредна состојба и ноќен полициски час.

За време на конференцијата со регионалните лидери во Јамајка во понеделникот, американскиот државен секретар Ентони Блинкен објави дека Вашингтон ќе придонесе дополнителни 100 милиони долари за поддршка на безбедносните сили на Хаити поддржани од ОН, заедно со уште 33 милиони долари хуманитарна помош.

Хенри, неврохирург по професија, ја извршуваше функцијата вршител на должноста премиер откако атентатот на претседателот Џовенел Мојс во 2021 година ја втурна карипската нација во хаос. Тој требаше да се повлече во февруари, но ги одложи изборите поради влошената безбедносна ситуација и политичкиот ќор-сокак со опозициските сили.

Неидентификуван американски функционер им изјави на новинарите дека на Хенри ќе му биде дозволено да остане во Порторико.

Некои информации за овој извештај дојдоа од Асошиетед прес и Ројтерс.

XS
SM
MD
LG