„На овие злоупотреби на овие служби со реформи треба да им се стави крај, за тоа да не се случува пак во иднина“. Премиерот денеска од собраниската говорница, повторно, ја пласираше иницијативата за реформа на безбедносно-разузнавчките служби. Како повод за пораката Христијан Мицкоски го искористи пратеничкото прашање за тоа какви се неговите сознанија дека бил следен во периодот додека беше лидер на опозицијата.
Во одговорот премиерот, повикувајќи се на извештај за работата на АНБ, рече дека претходните раководства на службите го означиле како организатор на „параполициско-воено-вооружена формација“ што било основ за негово слдење.
„Една од неколкуте институции кои што треба да се занимаваат со безбедноста на државата, наместо да се занимава со безбедноста на Македонија, се занимавала со физичко следење на претседателот на најголемата опозициска партија. И тоа го правеле на многу интересен начин. Како? Измислуваат извор во случајот „цилиндар“ кој што според нив доставува веродостојна информација. Конкретно таква информација доставил од објективни причини, нема да ја кажам точната дата, туку ќе кажам некаде од почетокот на 2020 година, чудно тоа коинцидира со изборите кои што тогаш се случуваат, во која што вели, внимавајте, параполициско-воено-вооружена формација. Претпоставувам најголем дел од вас биле параполициско-воено-вооружена формација составена од внимавајте го ова, македонски радикални екстремни и националистички настроени државјани кои имаа за цел во предизборието да вршат заплашување и закани на македонски граѓани за да издејствуваат поддршка за ВМРО-ДПМНЕ. И ова е многу интересно, нарачател и финансиер на оваа пара полициско воено вооружена формација на македонски радикални екстремни и националистички настроени елементи, е професор д-р Христијан Мицкоски“, рече премиерот на Северна Македонија.
Мицкоски најави одговорност за сторителите. Лут е зашто, како што вели, и неговото семејство било следено од службите.
„Ако мисли дека некој од ова ќе се спаси, се лаже. Се додека ја предводам оваа влада ќе барам расчистување и сите кои биле одговорни, не мене што ме следеле, туку детето што ми го следеле, ќе одговара“, рече Мицкоски.
Додека премиерот најавува реформа на разузнавачките служби во која, едно од можните сценарија, е спојување на АНБ и АР, опозицијата пак го оспорува именувањето на Бојан Христовски за нов директор на АНБ поради проблематичната веродостојност на дел од неговите дипломи неопходни за тој да стане шеф на „тајната служба“, предмет за кој Антикорупциската комисија пред 2 дена се прогласи за ненадлежна.
„СДСМ бара повлекување на скандалозна одлуката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) во врска со директорот на АНБ, Бојан Христовски и неговата диплома. Фактите кои што ги објавија медиумите и се достапни за целата јавност се загрижувачки и отвораат низа прашања за основите врз кои е донесена одлуката, дури и за можен конфликт на интерес во самата ДКСК. Ова мора да биде целосно расчистено зашто е удар не само врз угледот на ДКСК туку е дамка и за нејзината работа. Анонимната претставка во која беше оспорена факултетската диплома на Бојан Христовски, издадена од еден Универзитет во Скопје ДКСК ја отрфли повикувајќи се на анализа на Државниот просветен инспекторат. Оваа диплома, која самиот Христовски ја пријавил, предизвика основани сомнежи поради експресното завршување на студиите за само 1 година. Замислете, наместо 4 за една успеал“, рече потпаролката на СДСМ Богданка Кузеска.
Со одлуката на Антикорупциска, Христовски се спаси од постапката што за неговото именување беше поведена во оваа институција.