Линкови за пристапност

Премиер од владејачка коалиција или од најбројна партија – различни толкувања за техничката влада


Власта и опозицијата со спротивставени ставови за тоа кој треба да го заземе премиерското место во техничката влада.
Власта и опозицијата со спротивставени ставови за тоа кој треба да го заземе премиерското место во техничката влада.

Не се крши законот. Владата денес, и претходната влада, е коалициска влада. Ако го погледнете мандатот што го доделува претседателот на државата, тој го доделува на коалиција, која што има најмалку 61 пратеник, рече премиерот Ковачевски

Сто дена пред одржувањето на избори за пратеници, а по претходна оставка на претседателот на Владата на Република Македонија, Собранието на Република Македонија ќе избере нова, преодна Влада за спроведување на избори на пратеници, предводена од нов претседател на Влада кој го номинира партијата со најголем број пратеници во Собранието на Република Македонија.

Целиот горен параграф е дел од членот 43 во Законот за влада, а на кој се повикува опозициската ВМРО-ДПМНЕ која се спротивставува на предлогот од ДУИ, премиер во техничката влада да биде Талат Џафери.

Ковачевски: Техничката влада е законска обврска
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:39 0:00

Сепак, премиерот Димитар Ковачевски, денеска, во изјава за медиумите, беше категоричен дека со предлогот Џафери да дојде на премиерското столче не бил прекршен законот, зашто истиот кандидат е од владејачката коалиција.

„Не се крши законот. Владата денес, и претходната влада, е коалициска влада. Ако го погледнете мандатот што го доделува претседателот на државата, тој го доделува на коалиција, која што има најмалку 61 пратеник во Собранието. Така, со тоа ништо не се крши“, беше категоричен Ковачевски.

Техничката влада е законска обврска исто како што за мене е законска обврска на 100 дена пред влада, да поднесам оставка
Димитар Ковачевски

Премиерот изрази и контра-ставови кон најавите од ВМРО-ДПМНЕ дека можеби нема да биде дел од техничката влада, доколку на нејзино чело е кадар од ДУИ. Ковачевски се повика повторно на Законот за влада.

„Техничката влада е законска обврска исто како што за мене е законска обврска на 100 дена пред влада, да поднесам оставка, со што целата влада, практично, е во оставка. Обврска е на сите политички партии да учествуваат во влада којашто треба на техничко ниво да ги спроведе изборите“, рече Ковачевски.

Премиерот воедно ги повика и сите други партии, кои исполнуваат услови според законот, да предложат свои кадри за преодната влада.

„Со тоа ќе имаме демократски процес на којшто нема да има ниту една дамка и сметам дека сите партии согласно законот, треба да ги делегираат своите претставници во техничката влада којашто работи сто дена. Сè што е предвидено, е предвидено во Законот“, посочи Ковачевски.

Конкретна одлука од ВМРО-ДПМНЕ за учеството во техничката влада, сè уште нема.

„Дали ќе учествуваме во техничката влада – остануваме на ставот дека ќе заседаваат телата на партијата и навремено ќе ја информираме јавноста“, рече деновиве Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ.

За составот на преодната влада, која треба да ги организира парламентарните избори треба да се гласа на 28 јануари.

Според имињата што до сега се спомнуваат е дека за премиер ќе биде предложен Џафери, а на неговото место во Собранието треба да дојде координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески.

Лидерите на политичките партии се договорија првиот круг од претседателските избори да се одржи на 24 април, а вториот круг, заедно со парламентарните да биде на 8 мај.

XS
SM
MD
LG