Рускиот амбасадор Василиј Небензја се спротивстави украинскиот претседател Володимир Зеленски да земе збор на почетокот на состанокот на Советот за безбедност на ОН за инвазијата на Москва во неговата земја.
Албанскиот премиер Еди Рама, кој претседаваше со седницата, жестоко ѝ одговори на Москва, која вели дека инвазијата не е војна, туку е обична „специјална воена операција“.
„Сакам да ги уверам нашите руски колеги и сите овде дека ова не е специјална операција на албанското претседателство“, рече Рама, познат по продорната смисла за хумор.
„Има решение за ова“, продолжи Рама, директно обраќајќи му се на Небензја: „Ако се согласувате, ќе ја прекинете војната и претседателот Зеленски нема да земе збор“.
Небензја не се согласи.
Тој продолжи велејќи дека седницата била шоу и го критикуваше Рама за, како што рече, давање политички изјави наместо да дејствува како неутрален чувар на постапката.
По седницата, Зеленски му се заблагодари на Рама на социјалните мрежи, велејќи дека Рама, кој е и уметник и поранешен кошаркар, „му покажа на светот како правилно да се справи со Русија, нејзините лаги и лицемерие“.
Во обид да ја оправда својата инвазија, Москва рече дека амбициите на Украина да се интегрира со Западот, вклучувајќи го и НАТО, претставуваат закана за националната безбедност на Русија, тврдење што Киев и неговите сојузници го негираат како неоснован изговор за напад.
Кога му беше даден збор, Зеленски побара на Русија да ѝ се одземе правото на вето како една од петте постојани членки на Советот за безбедност на ОН по Втората светска војна, како казна за нападот на Украина.
Појавувајќи се во просторијата по заминувањето на Зеленски, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ја бранеше употребата на ветото од страна на Москва како легитимна, обвинувајќи ги Киев и Западот дека селективно ги следат принципите на Повелбата на ОН од 1945 година само кога им одговара.