Линкови за пристапност

Предлог законот за заемот од Унгарија помина низ комисиските филтри на Собранието


Обидот за блокирање на носење на предлог законот од страна на СДСМ пропадна откако спикерот Гаши ја закажа седницата на комисијата. Пратениците од СДСМ не присуствуваа на седницата и не учествуваа во расправата. Се очекува предлог законот да се најде пред пратениците на пленарна седница во вторник

СКОПЈЕ – Предлог законот за заем од половина милијарда евра од Унгарија го мина првиот собраниски филтер – Комисијата за финансирање и Буџет. Откако СДСМ најави блокада на носењето на предлог законот и претседателката на комисијата, Сања Лукаревска, не ја закажа седницата тоа го стори претседателот на Собранието, Африм Гаши.

На седницата, која ја водеше пратеникот од ВМРО – ДПМНЕ Бојан Стојановски, не присуствуваа пратениците од опозициската СДСМ. Стојановски ги обвини СДСМ за недржавничко однесување и блокада на капитални проекти а најавите за блокада на седницата го окракатеризира како „растурање пердуви“.

„Зошто не поднесоа илјадници амандмани, зошто не ги разгледувавме еден по еден, па да види јавноста дали некој имал коруптивни намени или немал коруптивни намени. Растурија пердуви и сега ги нема“, рече Стојаноски.

Пред членовите на Комисијата предлог законот го образложи заменик министерот за финансии Николче Јанкуловски.

Заемот тежок 500 милиони евра го доделува Унгарската експорт – импорт банка со рок за отплата од 15 години и грејс период од три години. Каматната стапка е фиксна и изнесува 3,25 проценти, Република Северна Македонија ќе ѝ плаќа на Унгарската експорт – импорт банка провизија за неповлечени средства во висина од 0,5 проценти од заемот на годишно ниво. Провизијата ќе се пресметува на дневна основа на неповлечениот дел од заемот, пресметано од датумот на достапност на средствата и ќе се плати првиот работен ден по завршување на периодот на достапност. Заемот ќе се отплаќа на 24 полугодишни рати, на 15 февруари и 15 август секоја година. Дополнително, Република Северна Македонија ќе ѝ плати провизија од околу 70 илјади евра за извршени правни услуги на независна фирма избрана од страна на Унгарската експорт – импорт банка.

Според најавите предлог законот ќе се најде пред пратениците на седницата на Собранието која ќе се одржи во вторник.

СДСМ вчера најави блокада на носењето на законот по скратена постапка и побара тој да се донесе во редовна процедура и да има експертска дебата. Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, изјави дека има сериозни сомневања за криминал и корупција бидејќи не постојат јасни критериуми и механизми за распределба на позајмените пари, не постои јасно утврден систем за контрола на трошењето на парите, нема јасни одредби во законот кои тоа го гарантираат и има точки каде се кријат скриени трошоци па затоа недозволиво и крајно неодговорно да се носи овој закон во скратена постапка.

Според најавите на Владата по 250 милиони евра од „унгарскиот кредит“ ќе добијат бизнис заедницата и општините за капитални проекти.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG