Од малото Крушево до најголемите европски и светски натпревари. Денес, Ставре Јада е најдобриот македонски натпреварувач во нордиско скијање.
Сè почнало во 2012 години во неговиот роден град, од каде четири години подоцна учествувал на првата младинска зимска олимпијада во 2016 година во Норвешка. Ја претставуваше Македонија и на Зимските олимписки игри во 2018 во Пјонг Чанг и 2022 во Пекинг.
„Пред 13 години започнав со овој спорт. Потоа две години бев клупски натпреварувач и не одев надвор од Македонија. Само на Балканот бев но после тие две години, десет- единаесет години сум член на репрезентацијата“, вели Јада.
Најдобри резултати му се последните во Сент Мориц и Бесанс. Јада во 2021 во Давос, Швајцарија, дебитираше и во натпреварите од светскиот куп.
Во летниот период за трчање крос и возење ролери и велосипед, може да возиш секаде, а на зима мора да имаш патека и да има снег
„Имам постигнато многу добри резултати, но можам да кажам дека најдобрите во зима на скии ми се последните два натпревари во 2023 година. Во Франција го освоив во декември 8- то место во конкуренција на 45 силни натпреварувачи. По два дена имав силна трка во Швајцарија, каде освоив 32 место од 101 натпрварвач во силна европска конкуренција“, посочува Јада.
За успеси и многу подобри резултати вели дека се потребни повеќе финансии и покрај тоа што вели работите се променети на подобро последните две- три години.
„Во летниот период за трчање крос и возење ролери и велосипед, може да возиш секаде, а на зима мора да имаш патека и да има снег. Мислам дека тука влијаат и финансиите, оти ако имаш финансии би бил каде има снег“, додава нордиецот.
Но голем проблем е што земјава нема соодветна инфраструктура за овој спорт, поради што е неопходно добар дел од подготовките да се одвиваат надвор од државата.
„Во една соседна Бугарија има околу 5-6 патеки наменета за нордиско скијање, која има угорнини и надолнини, рамни површини. И тие се околу 2,5-4,5 километри која е со асфалт и е надвор од градските средини. Во Македонија нема ниту една таква. Клучна е инфраструктурата да се изгради еден роу бан и тогаш би било многу полесно. Во Македонија ги имаме тие услови најмногу во Крушево и Маврово. Што се однесува до зимскиот период треба да се воведат топови за вештачки снег и да има логистика за таа работа. Затоа што без тоа не може ништо да се направи“, вели Јада.
Клучен период за Јада е до 15 март, кога траат натпреварите на меѓународната сцена. Го очекуваат и бројни натпревари во рамките на Балкан куп, каде минатата сезона завршил на 5-то место, како и на 60-от Мавровски меморијал, каде очекува да постигне рекорд на патеката.
Спортот и резултатите од друга страна раскажува Јада, со себе носат откажувања од многу работи, излегувања, дружења со најблиските, забави и ноќни клубови и отсутност од дома речиси 300 дена во годината. Но, тоа е така затоа што, вели, го сака спортот.