Линкови за пристапност

Познавачи предупредуваат: Дезинформациите се глобална пандемија


Како секаде во светот, така и македонскиот образовен систем не е имун на лажни вести и дезинформации, укажуваат познавачи за медиумска писменост
Како секаде во светот, така и македонскиот образовен систем не е имун на лажни вести и дезинформации, укажуваат познавачи за медиумска писменост

Четириесетина наставници од повеќе основни училишта учествуваа на камп во Охрид каде под менторство на едукатори од САД се обработуваа теми поврзани со борбата против дезинформациите и кибернетската безбедност

„Го знаеме периодот на т.н бомби, кога исклучително брзо кружеа лажни информации, многу побрзо меѓу учениците. Тие побрзо ги добиваа информациите, отколку самите училишта и институции и тука се најдовме во коштец со времето, дека ние како да каскаме назад и не сме присутни тука за да ги заштитиме. Секако дека ги има и многу брзо се шират меѓу нив како врснички дезинформации на нивно ниво и секако на глобално ниво“, вели Александра Блажевска, наставничка по природни науки од Скопје.

Како секаде во светот, така и македонскиот образовен систем не е имун на лажни вести и дезинформации. Тоа е новата реалност со која денес се соочуваат и наставниците и учениците во земјава. Некои од нив веќе го почувствувале нивното влијание на своја кожа. Затоа е многу важно, тие да бидат препознаени навреме.

Четириесетина наставници од повеќе основни училишта во Северна Македонија, беа дел од технолошкиот камп, каде се подготвуваа на теми поврзани со борба против дезинформациите, медиумската писменост, кибернетската безбедност и како истите да ги пренесат на своите ученици.

„Она што е специфично кога станува збор за образовниот процес е што тие информации дури што уште повеќе и полесно се шират бидејќи младите луѓе допрва треба да учат да размислуваат критички, да ги евалуираат информациите и да проценат што од тие информации се вистинити, а што не“, вели Владимир Трајковиќ, професор на ФИНКИ.

Резултатите од оваа неколкудневна обука ќе бидат видливи за околу една година. Во следниот период тие ќе треба да креираат едукативни ресурси, кои потоа ќе ги применат во наставниот процес.

Наставниците велат дека потребата од ваков вид обуки е неопходна.

„Да бидеме во чекор со времето и да реагираме и да ги научиме како да ги препознаваат, а не само наивно да веруваат во сè што се пласира“, вели наставничката Блажевска.

„Затоа што и наставниците и учениците не прават разлика меѓу лажни вести и факти, односно вистинити вести. Децата се зависни од интернет и читаат лажни вести па тие лажни вести ги пренесуваат еден на друг. Овде треба да се спомене и кибернетското насилство, кое е присутно во училиштата. Тоа е наука која е поврзана“, вели Марина Станиславова, одделенска наставничка од Неготино.

Странските едукатори велат дека станува збор за глобален проблем, кој треба да се сфати сериозно.

Можеме да се согласиме дека ова е глобална пандемија и така можеме да ја наречеме. На светско ниво се шират како оган дезинформациите
Џесика Мекју, едукатор за медиумска писменост

„Можеме да се согласиме дека ова е глобална пандемија и така можеме да ја наречеме. На светско ниво се шират како оган дезинформациите. Тие нема да си заминат. Дезинформациите секогаш биле присутни, сега само е забрзан процесот, заради социјалните медиуми. Ние сме овде да ги опремиме наставниците со вештини и методи, како истите да ги препознаат и како да се справат со ваквите дезинформации“, вели Џесика Мекју, Технолошки камп - сениор програм менаџер.

„Без разлика дали е Северна Македонија или САД , дезинформациите се шират на слични начини преку социјалните медиуми. Можеби целните групи се различни и целта е поинаква, меѓутоа начинот е ист. Нема начин да кажеме дали некој помалку или повеќе би се соочил со дезинформациите“, укажува Нолан Херин, Технолошки камп- сениор програм менаџер.

Технолошкиот камп кој неодамна се одржа во Охрид беше организиран од Центарот за иновации и дигитална едукација ДИГ-ЕД, Амбасадата на САД во Скопје и тимот на TechCamp на Стејт департментот на САД.

XS
SM
MD
LG