Линкови за пристапност

Повреди за цел живот: Интензивни кампањи за избегнување на петардите


Превенција од петарди / Едукативно видео
Превенција од петарди / Едукативно видео

„Петарди не, безбедност пред сè“ е реактивираната кампања на МВР и Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија, а чија цел е да им се укаже на учениците и на сите граѓани за можните закани по здравјето од употребата на петардите.

Употребата на пиротехнички средства, може да биде причина за повреди кај луѓето, особено кај помладата популација. Тие можат да бидат од минорни, како што се рани и изгореници, до многу тешки и сериозни оштетувања, кои предизвикуваат ран инвалидитет велат лекарите.

„Како што се ампутација на прсти, ампутација на шака, оштетувања на видот и слухот, кој понатаму кај оваа група на ученици, адолесценти предизвикуваат понатамошни физички и психички оштетувања, а тоа понатаму влијае врз нивниот понатамошен живот, односно избор на професија. Најчесто она што се јавува се изгореници и тоа претежно се јавуваат во предел на оние делови од телото кои се откриени. Тоа се лицето, вратот, шаките“, вели Рената Кочоска од Универзитетската клиника за пластична и корективна хирургија.

МВР и Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија, веќе неколку години спроведуваат кампања под мотото „Петарди не, безбедност пред се“, со цел на учениците, да им се укаже на можните последици од нивната употреба. Една таква се одржа и во училиштето Јахја Кемал во Струга.

„Ова предавање беше многу поучно. Научивме за опасностите кои ги предизвикуваат петардите. Тие можат да бидат многу опасни. Ни беа покажани и слики и видовме уште колку поопасни и пострашни последици, може да има од петардите. Научивме кои казни ги добиваме од петардите“, вели ученикот Мартин Трајчески.

Видовме уште колку поопасни и пострашни последици, може да има од петардите
Мартин Трајчески, ученик од Струга

„За секој празник најчесто новогодишните користат петарди, најчесто момчињата, а има и такви кои ги користат под надзор на возрасен. Во денешно време во голема мера се употребуваат, многу небезбедно, без претпазливите мерки“, додава ученичката Ивана Секулоска.

„Многу научив. Се вознемирив од тие фотографии кои ги видов и никогаш не би осмелила да користам петарди. Ова е како еден вид на помош за другите да знаат што треба да прават“, вели нивната соученичка Викторија Славкоска.

Пред две години со тешки повреди од несоодветна употреба на петарди на оваа клиника били примено 16 годишно момче. Сепак како резултат на ваквите кампањи има тренд на намалување на бројот на повредени.

Стоп за петардите /едукативно видео
Стоп за петардите /едукативно видео

„Пред две години имавме едно момче повредено. Тоа момче се здоби со губење на дел од прстите, на третиот и четвртиот прст. Се направи тоа што можеше да се направи за да може нормално да функционира момчето понатаму. Потоа следуваше период на рехабилитација. Тоа е еден долг и макотрпен процес“, додава Кочоска од Универзитетска клиника.

Во изминатите десетина години на подрачјето на СВР Охрид, пронајдени и одземени се околу 100.000 нелегални парчиња петарди и друга пиротехника

Илјадници парчиња најразлични пиротехнички средства, пронајде полицијата изминатиот период на ниво на цела држава.

„Во изминатите десетина години на подрачјето на СВР Охрид, пронајдени и одземени се околу 100.000 нелегални парчиња петарди и друга пиротехника, која правни и физички лица нелегално ја набавиле и ја препродавале на целото подрачје, најчесто на малолетни лица. Во текот на овој месец на подрачјето на СВР Охрид, пронајдени се околу 3000 петарди“, ни соопшти Стефан Димоски, портпарол на СВР Охрид.

Против лицата кои вршат нелегални трговија со пиротехнички средства, полицијата поднесува кривични пријави. Предвидени се казни од една до пет години затвор. Казни од 200 до 500 евра се предвидени и за родители на малолетни лица, ако се затекнат како купуваат или активираат петарди и друга забранета пиротехника.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG