Фактот на континуираното намалување на заработувачката на Американците и подолгорочната невработеност кај оние кои останале без работа е фокус на напорите на Мајкл Ферел. Тој е директор на Коалицијата за бездомници во Вашингтон, и голем борец за оние кои имаат најмалку. Тој не е изненаден што еден на шест Американци живеат под работ на сиромаштија:
„Доколку не се случи чудо во економијата во блиска иднина, ситуацијата најверојатно само ќе се влошува“, вели Ферел.
Организацијата им помага на стотици кои одеднаш се нашле на улица.
Тамара Голден со трите деца останала без дом, откако бракот и` пропаднал.
„Тешко е, ти ја убива самодовербата. Те уништува како човек. Никој, во ниедна култура, не сака да им каже на децата дека можеби вечерва нема да јадат“, вели Голден.
Оваа организација на семејството Голден и на други во слична ситуација им обезбедува привремен дом, медицинска помош и поддршка за образование. Но, како што вели Софија Сајберт, една од вработените таму, најважно е што обезбедува надеж. Зашто, како што вели, секој може да се најде во ситуација на една плата до бездомништво.
„Сите овде размислуваме како би сакале да бидеме третирани ако тоа нам ни се случи“, додава таа.
За Тамара е тешко, но секој ден малку подобро, зашто е поблизу до образование што би и` помогнало на подолга патека.
Во оваа организација велат дека однапред му се радуваат на денот кога нивната помош не ќе е потребна. Тие се оптимисти, но според најновите податоци, околу 25 милиони Американци во моментов се без работа или работат со скратено работно време.