Линкови за пристапност

Повеќе од 100 милиони Американци се изложени на ризик од чад од шумски пожари во Канада


Речиси една третина од Американците живеат во области со лош квалитет на воздухот во четвртокот, бидејќи чадот од шумските пожари во Канада го покрива Средниот запад и источниот дел на САД, предизвикувајќи нездрави, а на некои места и опасни услови.

Предупредувањата за квалитетот на воздухот се на сила за големи делови од Америка, од Висконсин и северен Илиноис до Мичиген, Њујорк и источниот брег, соопшти Националната метеоролошка служба.

Од повеќе од 100 милиони Американци е побарано да ги ограничат активностите на отворено и да носат маска доколку страдаат од белодробни или респираторни заболувања. Децата и постарите лица се советуваат да ги намалат или избегнуваат големите активности.

Во големите американски градови како Њујорк, Чикаго и Филаделфија и во главниот град Вашингтон повторно се забележува магла, а се чувствува мирис на чад.

„Преземете мерки на претпазливост во четврток. Ако имате здравствени проблеми, вклучително и респираторни проблеми како астма, поминувајте помалку време надвор“, напиша на Твитер градоначалникот на Њујорк, Ерик Адамс.

Чикаго во четвртокот наутро трет ден по ред беше покриен со магла. Квалитетот на воздухот во третиот по големина град во Америка беше нездрав и најлош од сите поголеми градови на планетата, според веб-страницата за следење на загадувањето IQAir.com.

„Квалитетот на воздухот во Чикаго е ужасен, ми предизвикува ужасна мигрена. Денеска сум подобар поради прочистувачот на воздухот“, напишал еден корисник на Твитер.

Издадени се предупредувања за лош квалитет на воздухот поради чад од шумски пожари што горат низ Канада бидејќи се соочува со најлошата сезона на пожари во историјата.

Веќе изгоре површина од 8 милиони хектари. Во средата гореа 477 пожари, од кои половина се уште не се под контрола, од Пацификот до брегот на Атлантикот.

Додека Средниот Запад и Истокот на Америка се справуваат со загадувањето, на југ се соочува со топлотен бран кој се очекува да трае до крајот на викендот.

На некои места се чувствува како 46 степени Целзиусови - поради комбинацијата на високи температури и влажност. На жителите им е препорачано да не ги напуштаат оладените простории и да пијат многу течности.

Лошо време цело лето во Америка

Метеоролозите најавуваат дека единствен прекин од смрдеата на чад што може да се очекува е доаѓањето на топлина и влага од југ, кои веќе однесоа животи. Потоа чадот од север повторно ќе стигне на исток и среден запад. Сето ова затоа што во моментов во Канада горат 490 пожари, од кои 235 се уште не се под контрола.

Топлото и суво време во Канада, нискиот воздушен притисок и ситуацијата во која северниот ветер носи чад и јужната жештина, доведоа до ситуација која шефот на метеоролошкиот центар Грег Карбин ја опиша со зборовите: „Чад или топлина, изберете го вашиот отров. Времето нема да биде пријатно".

Извор: Ројтерс

XS
SM
MD
LG