Линкови за пристапност

Потпросечни плати, притисоци, ранливост на дезинформации: Објавен извештај за состојбите во македонските медиуми


Приходот во приватниот медиумски сектор е под просечната плата во државата, 28.860 денари во 2021 година (приближно 470 евра), се наведува во извештајот
Приходот во приватниот медиумски сектор е под просечната плата во државата, 28.860 денари во 2021 година (приближно 470 евра), се наведува во извештајот

Клучен проблем е што многу сопственици на медиуми, особено во традиционалните медиуми имаат различни основни бизниси, кои често зависат од тендери од министерствата, се вели во извештајот од меѓународните медиумски асоцијации

Работа за плата под државниот просек, нарушени работнички права, притисоци, вознемирување и малтретирање, особено на новинарките, изложеност на странски влијанија и присуство на дезинформации и руска пропаганда.

Тоа се дел од заклучоците во Извештајот од меѓународната Мисија за проценка на состојбата со слободата на медиумите, а кој го објави Здружението на новинарите на Македонија.

Како што соопштија од ЗНМ, мисијата за проценка на медиумската состојба, сочинета од претставници на пет водечки европски организации за слобода на медиумите направила проценка за проблемите со кои се соочува македонскиот медиумски сектор.

За условите за работа на новинарите се вели дека се незадоволителни. Тоа не се однесува само на платите и несигурните договори, туку и на не- почитувањето на правата од работниот однос и случаите на вознемирување и малтретирање, особено на новинарките.

За месечните примања се наведува дека приходот во приватниот медиумски сектор е под просечната плата во државата, 28.860 денари во 2021 година (приближно 470 евра). Платата на околу третина од младите новинари, пак, е значително пониска од оваа сума. Од друга страна, вработените во јавниот радиодифузен сервис се во подобра позиција бидејќи нивната плата е приближно 38.120 денари (околу 620 евра).

За состојбата на независното новинарство и уредничката слобода се вели дека има подобрувања во однос на претходната деценија, но се додава дека состојбите и натаму се проблематични.

„Клучен проблем е што многу сопственици на медиуми, особено во традиционалните медиуми (национални ТВ станици), имаат различни основни бизниси, кои често зависат од тендери од министерствата и од институциите, создавајќи имплицитни или експлицитни табу-теми“, стои во извештајот.

Македонскиот медиумски простор е ранлив на дезинформации
Македонскиот медиумски простор е ранлив на дезинформации

Според анализата, македонскиот информативен простор е означен како ранлив на странски влијанија. Се нагласува дека присуството на руските дезинформативни кампањи допреле до публиката во Северна Македонија преку онлајн-портали и традиционални медиуми.

Руските дезинформативни кампањи допреле до публиката во Северна Македонија преку онлајн-портали и традиционални медиуми

„Академските истражувања укажуваат на тоа дека високите нивоа на поларизација, со ниски нивоа на доверба во медиумите и институциите, популистичката комуникација, зголемената употреба на социјалните медиуми и фрагментираната средина, се некои од предусловите што ја прават земјата поранлива на дезинформации“, се посочува во извештајот.

Во делот за безбедноста на новинарите, Северна Македонија се оценува како релативно безбедна во споредба со другите земји во регионов. Во таа смисла се спомнува и неодамнешната измена на Кривичниот законик, со кој нападите врз новинарите се третираат како напад врз службени лица.

Во делот за дискредитирање на медиумските работници се вели дека некои политичари се непријателски настроени во своите изјави кон новинарите или одбиваат да се занимаваат со прашања што содржат критика.

„Информативниот простор во Северна Македонија е сочинет од крајно спротивставени страни, поради што јавноста ја губи довербата во новинарството. Тоа претставува директна закана за безбедноста на новинарите“, се вели во дел од извештајот.

Нови предлози за парична помош за малите медиуми
Нови предлози за парична помош за малите медиуми

Голем дел од извештајот е посветен и на Владините намери да се врати државното рекламирање во медиумите, при што се посочува дека тоа може да отвори врати за намалување на уредничката и новинарска независност.

„Задржете го членот 102 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги со кој се ограничува државното рекламирање на медиумите, со цел ограничувањето да остане дел од законското решение. Развијте нов модел на државна поддршка на медиумите и новинарството, базиран на проекти и воден од начелата на плурализам, разновидност и новинарство од јавен интерес, кој е функционално независен од владата“, се вели во препораките од извештајот.

Оценките за медиумските состојби во Северна Македонија се направени според оценки и истражувања на претставници од Европскиот центар за слобода на печатот и медиумите (ECPMF), од Европската федерација на новинари (EFJ), Free Press Unlimited (FPU), од Меѓународниот институт за печат (IPI), како и Osservatorio Balcani e Caucaso Transeuropa (OBCT).

XS
SM
MD
LG