Линкови за пристапност

Посебен надзор за Палевски во „Шутка“, засега не побарал адвокат


Мирна прва ноќ за Љупчо Палевски – Палчо во истражниот затвор „Скопје“. Тој не проговорил ниту збор со затворските службеници. Според извори на Гласот на Америка, Палевски се однесувал ладнокрвно и не покажувал знаци на грижа на совест. Обвинителството соопшти дека финишира со истрагата

Од затворската управа соопштија дека се изготвени протоколи за него. Откако беше сместен во посебна ќелија, сам, назначени се стражари кои што се задолжени исклучиво за него, храната кој му се доставува ќе се тестира, ќе шета во затворскиот двор сам и изолиран.

Палевски со себе носел личен багаж и пари, евра и турски лири кои се задржани и нотирани во записник. Оставени му се хартија и пенкало а во ќелијата нема приклучок за струја.

Денеска е прегледан од затворскиот доктор а Палевски не побарал адвокат.

„Притвореното лице е сместено соодветно. Се нема пожалено на медицински проблеми. Денес е прегледан од домскиот доктор. Известен е кривичниот суд дека притвореното лице е кај нас. Тековно се обавуваат дневните активности. Чекаме на судот за натамошни дејства за обвинетото лице. Уште нема побарано бранител кој ќе го застапува“, изјави Филип Андов, директор на истражниот затвор „Скопје“.

Од обвинителството соопштија дека истрагата за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски продолжува и за останатите осомничени е во завршна фаза.

„„По екстрадицијата на првиот осомничен од Република Турција, јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје продолжува да презема истражни дејствија во предметот за грабнувањето и убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, соопштија од Основното јавно обвинителство. Во однос на ова лице, јавниот обвинител презема истражни дејствија на прибавување и анализа на докази кои во оваа фаза на постапката не можат да бидат споделени со јавноста“, стои во официјалниот допис од Обвинителството.

Засега оттаму нема најава кога Палевски ќе биде повикан и донесен на распит Јавното обвинителство.

По пет месеци минати во екстрадициски притвор во Турција, во градот Баликесир каде и беше уапсен, Палевски вчера екстрадиран во државата и донесен со редовен лет на линијата Истанбул – Скопје. Авионот на „Туркиш ерлајнс“ слета околу 19.45 часот на скопскиот аеродром а еден час подоцна Палевски беше во ќелијата во истражниот затвор подготвена само за него.

За убиството на четиринаесетгодишната Вања Ѓорчевска и седумдесет и четиригодишниот Панче Жежовски осомничени се уште четири лица.

Во истражниот затвор во Шутка се сопартијците на Палевски во „Десна“, Влатко Кешишов, Боре Видевски и Велибор Маневски, кои се осомничени за грабнување и за две убиства на свиреп начин.

Таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, кој е осомничен за помагање при грабнување на неговата ќерка е во домашен притвор, откако Врховниот суд минатиот месец ја уважи неговата жалба.

Осомничен е и Стефан Димковски, кој го превезе Палевски од Србија во Турција и тој се наоѓа во куќен притвор.

XS
SM
MD
LG