Линкови за пристапност

Поразителна статистика: Локалитетот Стоби е атрактивен за странците, но не и за македонските граѓани


Стоби е со површина од 27 хектари. До сега, како што вели директорот Спасе Перовски, истражени се и откриени само околу 18 отсто од просторот.
Стоби е со површина од 27 хектари. До сега, како што вели директорот Спасе Перовски, истражени се и откриени само околу 18 отсто од просторот.

Во септември археолошкиот локалитет Стоби го посетиле 2.497 лица. Од нив само 322 биле македонски граѓани. Останатите се странци во групи или индивидуално. Најбројни се Американци, Французи, Холанѓани. Без организираните посети од училиштата, бројот на македонски посетители би бил драстично помал.

Стоби не е само тоа што сега го гледате. Тоа е површина од 27 хектари под чија земја сè уште стојат одговори за еден цивилизациски напредок. Така објаснува директорот на Археолошкиот локалитет „Стоби“, Спасе Перовски.

„Јас во една прилика кажав дека Стоби е златната белегзија на Македонија. Тоа и навистина е така. Ние имаме површина од 27 хектари затворена со жица, а во чијашто земја лежи неверојатно богатство“, вели Перовски.

Но, прашањето што се отвора е дали и колку македонските локалитети се доволно финансиски моќни да станат самоодржливи и да привлечат повеќе посетители.

„Стоби е капацитет, има капацитет да го прошири просторот околу себе. Но, се разбира дека не може сам. Сепак, мислам дека секој треба да се вклучи во целата постапка, како државата, така и туристичките агенции во Македонија. Секако и Министерство за култура и туризам, чие ново име практично е показател дека тие два аспекта, културата и туризмот мора да си помагаат еден со друг за да имаме бенефиции“, смета Перовски.

Спасе Перовски, директор на НУ „Стоби“ вели дека расте бројот на посетители, но повеќето од нив се странци
Спасе Перовски, директор на НУ „Стоби“ вели дека расте бројот на посетители, но повеќето од нив се странци
До септември во Стоби влегле над 15.000 луѓе - повеќето од нив Американци, Французи, Холанѓани

Според податоците од управата на Стоби, во екот на пандемијата речиси и да немале гости. Но, во 2022 година локалитетот го посетиле околу 8.000 лица. Лани, таа бројка стигнала нешто над 20.000. Годинава, пак, до септември, во Стоби влегле над 15.000 луѓе. Повеќето од нив Американци, Французи, Холанѓани, како и Германци.

„На патување сме назад кон Германија и го видовме локалитетот додека поминувавме од тука. Ни изгледаше интересно и застанавме да го посетиме“, велат Леон и Анина, германски туристи кои ги сретнавме во Стоби.

Во моментот додека престојувавме на локалитетот, домашни и странски археолози и конзерватори работеа врз објектот Теодосијанска палата.

Археолошки локалитет Стоби
Археолошки локалитет Стоби

„Целиот овој комплекс, целата оваа палата, која што е богата со мозаици во речиси секоја просторија, ја прави посебна. Прекрасно украсена. Луѓето што се занимаваат со оваа област, конзервација и истражување, можат да замислат како изгледал овој објект кога бил целосен во тоа време, со сите овие столбови, со сите украси, со сите скулптури коишто биле наоколу“, вели Томе Филов, конзерватор кого го сретнавме среде работа.

Со кадар сме малку послаби, не зборувам само за установата, туку на државно ниво
Томе Филов, конзерватор

Овие лица се посветени да го истражат археолошкото наследство, но тоа што им недостасува е нов стручен кадар.

„Доколку се следат сите конзерваторски нормативи и пракси, тогаш не е тешко. Ни требаат нормално само финансии, ни треба поддршка. Но, да бидам искрен, ни требаат и луѓе. Мислам дека со кадар сме малку послаби. Не зборувам само за установата, туку на државно ниво може да кажам дека има недостаток од стручен кадар“, додава Филов.

Коридорот под античкиот театар во Стоби служел за движење на илјадната публика
Коридорот под античкиот театар во Стоби служел за движење на илјадната публика

Археолошките локалитети на светско ниво се покажуваат и како сериозен извор за финансии. Како пример, влезница во античкиот театар во Епидаурус, Грција, за возрасни лица чини 12 евра. Во ек на туристичка сезона локалитетот го посетуваат по неколку илјади лица дневно.

Влезница три евра - најмногу посети во мај, 4.000

За споредба, влезницата во Стоби за возрасни лица е три евра. Најмногу посетители имало во мај годинава. Тогаш во локалитетот влегле околу 4.000 лица вкупно. Најголем број од нив биле ученици и студенти. Цените за нив, очекувано, се значително пониски.

Ако во 2023 година сме имале 20.555 туристи, тоа значи дека во просек сме заработиле околу 10.000 евра
Спасе Перовски, директор на НУ „Стоби“

„Да ја земеме како пример 2023 година. Ако сме имале 20.555 туристи, тогаш тоа значи дека во просек сме заработиле околу 10.000 евра, што не се многу пари. Тоа стварно не се многу пари, но за сиромашни како нас 10.000 евра се доволно пари за да финансираме дополнителни проекти во Стоби“, истакнува директорот Перовски.

Таа сума е далеку од доволна за самоодржливост.

„Не може да биде профитабилен локалитетот. Апсолутно, ниту еден локалитет во светот. Помпеја земете ја за пример, каде што годишно милиони туристи, не може да биде профитабилна само со тој тел. Големи се трошоците“, смета Перовски.

Странските посетители во Стоби доаѓаат во групи, но и индивидуално
Странските посетители во Стоби доаѓаат во групи, но и индивидуално

Според годишната програма на Министерството за култура, за тековните активности, за одржување, истражувања на локалитетот, државата за 2024 година одобрила речиси 60.000 евра. Од управата на Стоби велат дека средствата се значајни, но, не и доволни.

Поддршката од државата е бенефит и за државниот буџет

„Најважно од сè е да се најде баланс помеѓу тоа што ќе го сработи и што финансиски ќе го обезбеди самиот локалитет во текот на една година, од една страна. И, од друга страна, тоа што треба државата да го помогне. Значи, доколку и државата и локалитетот соработуваат и го одржуваат тој баланс, тогаш можат и самата држава и локалитет да добијат повеќе“, смета директорот на НУ „Стоби“.

Сепак, изворите за финансирање не се ограничени само на помошта од државата и од продажбата на билетите. Амбасадата на САД во периодот од 2010 до 2018 година за Стоби доделила грантови во висина од 162.500 долари.

Со грантови од странство се вршат дел од реставрациите на локалитетот
Со грантови од странство се вршат дел од реставрациите на локалитетот

Постојат и други фондови. Но, пристапот до тие средства зависи од вештината на управите во археолошките локалитети да конкурираат со солидни проекти.

„Само минатата година имаме три меѓународни гранта. Од нив еден е од Фондацијата „Каплан“ од САД, којашто финансира 300.000 долари за конзервација на Теодосијанската палата“, посочува Перовски.

Во септември 2.497 посетители - од нив само 322 домашни

Независно од предизвиците со финансирањето, опстојува и друг сериозен проблем. Тоа е слабиот интерес на македонските граѓани за домашното археолошко наследство. Така, во септември во Стоби имало 2.497 посетители. Од нив одвај 13% биле домашни.

„Тоа е компаративна бројка која јасно покажува дека странците повеќе се интересираат за културата на нашата држава“, посочува Перовски.

Премиерот Христијан Мицкоски неодамна соопшти дека владата склучила договор со германски туроператор кој од Западна Европа би носел по 35.000 гости годишно. Надежите се дека дел од нив ќе го посетат и локалитетот. Од Стоби дополнително веруваат дека годинава ќе надминат бројка од 20.000 посетители. Целта за идната година, пак, им е да стигнат и до 30.000 посети.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG