Линкови за пристапност

Придонес на Македонец во создавањето на спектакуларната фотографија на Црната дупка


Алекс Попстефанија, по потекло од Охрид, бил дел од меѓународниот тим кој ја направи првата фотографија од Црна дупка што деновиве му беше претставена на светот. Попстефанија дипломирал на факултетот Карнеги Мелон во Питсбург во 2014 година. Последните три години е на постидпломски студии и истовремено работи како асистент-истражувач по Астрономија на Универзитетот во Масачусец.

Во интервју за Гласот на Америка тој вели дека неговиот придонес кон овој тимски проект е што учествувал активно во обсервации со големиот милиметарски телескоп (LMT) во Мексико како и во лабараторијата каде развивал радио приемник наменет специјално за него (LMT).

„Мојата специјалност е во инструментација, посебно на приемници за обсервација на астрономски области и добивање на фотографии на ладен молекуларен гас во нашата и другите галаксии. Во овој случај - кон супермасивната Црна дупка. За ваков глобален потфат беше потребно развивање на нов хардвер и софтвер, што се правеше во последните неколку години. Телескопот во Мексико беше многу значаен затоа што е најголем, но е важен и поради локацијата во однос на другите на планината Сиера Негра“, вели Попстефанија.

Тимот се состоел од околу 200 истражувачи, лоцирани во неколку држави во светот, кои управувале со седум телескопи истовремено, но прецизно синхронизирани за да може да се направи оваа историска слика.

„Станува збор за Мексико, Шпанија, Чиле, Хаваите, Аризона и Јужниот пол. Телескопите што собираа податоци беа координирани и во постојана комуникација со командниот центар на Универзитетот Харвард во Бостон. Обсервациите се работеа ноќе. Една сесија траеше околу 10 часа. Тоа се работеше околу две недели во април 2017 година. Податоците од најдобрите пет денови, кога времето беше погодно на сите места, се пренесоа со авион во Бостон каде што анализите на податоците се вршеа на суперкомјутерите во Институтот за радио-астрономија, во Институтот за технологија на Масачусец (МИТ) “, објаснува Попстефанија.

Независно од тоа, вели то,ј половина од податоците биле анализирани и во Бон, Германија, и донеле исти резултати. Така ја добиле оваа слика на Црната дупка М87, која била една од најголемите.

„Значењето на ова откритие е дека тоа е потврда на Ајштајновата теорија на гравитација. Во овој случај имаме многу голема маса собрана на мал простор.

Ова отвара области за понатамошно истражување. Сакаме да ја фотографираме Црната дупка и во центарот на нашиот Млечен пат, но и да видиме како да ги прошириме нашите мерења со друга фрекфенција што ќе ја зголеми јасноста на објектот што го сликаме“, вели Попстефанија за Гласот на Америка, кој додава дека е изненаден од интересот на јавноста за нивниот подвиг. Својата иднина ја гледа во работа на инженерството и астрономијата, блиску до тоа што сега го прави.

Иако е роден и живеел во сојузната држава Масачусец, во САД, вели никогаш не ги заборава своите охридски корени.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG