Линкови за пристапност

Последна аудиенција на папата


Папата Бенедикт ја одржа својата последна аудиенција како поглавар на Римокатоличката црква пред заминувањето од функцијата во четврток.

Папата Бенедикт се појави на плоштадот Свети Петар во Рим во среда, да ги води молитвите и да се сретне уште еднаш со неговите следбеници. Околу 50.000 влезници биле дистрибуирани, а официјалните лица очекувале уште илјадници да се појават за историскиот настан.

Обраќајќи се на толпата, папата Бенедикт кажа дека и покрај проблемите и „бурните води“ низ кои мина црквата во негово време, господ нема да дозволи институцијата да потоне. Тој рече дека е свесен за новината и тежината на неговата одлука да замине, но ги увери верниците дека потегот го направил со „длабоко спокојство на духот“. Тој кажа дека има голема верба во иднината на Римокатоличката црква.

Папата го прочита обраќањето од листови хартија. Од време на време, неговите зборови, искажани на италијански, предизвикаа аплауз од насобраните.

Пред тоа, папата направи круг околу плоштадот Св.Петар по патека резервирана за неговото возило, со мавтање и повремено застанување за давање благослов на бебе подадено од толпата.

Аудиенцијата на папата е неделен настан, но оваа последната привлече многу повеќе луѓе од обично.

Во четврток папата треба да се сретне со неговите кардинали пред да биде пренесен со хеликоптер до Кастел Гандолфо, летната резиденција на папата. Таму, во часот кога неговото владеење официјално завршува, швајцарската гарда која обично се грижи за поглаварот на Римокатоличката црква, ќе замине на одмор.

Бенедикт кажа дека по заминувањето од власт негова намера е да живее тивко во молитва и медитација „скриен од светот“.
XS
SM
MD
LG