Линкови за пристапност

Папата вети сеопфатна битка против педофилијата


Toa што Папата Францис жестоко ја осуди сексуалната злоупотреба на деца од страна на свештеници сепак не е доволно за некои од жртвите

Во неделата, Папата Францис ја затвори конференцијата во Ватикан посветена на борбата против сексуалната злоупотреба на деца. Тој ја спореди педофилијата со човечка жртва, а виновните свештеници ги нарече „орудие на сатаната“, ветувајќи „сеопфатна битка“ против сексуалната злоупотреба.

„Искрено се залагам за сеопфатна битка против злоупотребата на малолетни лица, и сексуално и во сите други области, од страна на сите власти и поединци, бидејќи се соочуваме со гнасни злосторства кои мора да бидат избришани од лицето на земјата.“

Но, тoa што Папата Францис жестоко ја осуди сексуалната злоупотреба на деца од страна на свештеници сепак не е доволно за некои од жртвите.

Преживеаните рекоа дека говорот на Францис бил „неверојатно разочарувачки“. Дел од нив ги раскажаа своите приказни за ужасот, злоупотребата и насилството низ кои минале. Но, рекоа дека не го добиле она што сакале да го слушнат од папата, односно не слушнале цврсти и конкретни планови за справување со злосторството.

„Тоа не е доволно. Не сме задоволни. Доаѓаме од цел свет и не се согласуваме со ова. Четири дена и само лист хартија, серија банални одговори, кои инаку би одзеле 15 минути да бидат напишани. Зарем ова е црквата во која сакаме да веруваме?“, рече Александро Батаглиа, жртва на сексуална злоупотреба од страна на свештеник.

„Никој не сака неговото дете да биде силувано. Не мислам дека е толку комплицирано, посебно за Папата Францис да заземе став и да каже: ‘ако си во мојата црква, без разлика каде во светот живееш, ова е нешто што не смееш да го правиш’“, рече Мери Диспенза, која исто така била жртва на сексуална злоупотреба од страна на свештеник.

Лидерот на италијанската група на жртви, Франческо Занарди, вели дека црковните водачи кои ги штитат виновните свештеници треба да се соочат со кривични обвиненија.

Официјалните претставници на Ватикан велат дека Папата Францис ќе издаде правен црковен документ за заштита на малолетниците и настојува локалните парохии да создадат оперативни групи со задача да се справуваат со ваквите прашања.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG