Во своето годишно обраќање до дипломатите од 183 држави акредитирани во Ватикан, папата Францис изрази загриженост поради повторно активирање на националистичките и популистичките движења. Воедно, предупреди дека не се прифатливи унилатерални решенија за разрешување на миграциските прашања.
Францис рече дека сфаќа дека „напливот на мигранти во последните години предизвика загриженост кај луѓето во многу земји, особено во Европа и Северна Америка, што доведе до тоа различните влади сериозно да го ограничат бројот на нови влезови, дури и за оние во транзит.“ Тој сепак додаде дека не верува дека се можни „делумни решенија за толку универзално прашање“.
Папата посочи дека, покрај бегалците, во ранливите категории спаѓаат и мигрантите. Тој повторно апелираше владите да пружат помош за сите кои се присилени да емигирираат, со цел нивна социјална интеграција.
Папата ја повика меѓународната заедница да промовира политичко решение за војната во Сирија, каде бројот на жртви е голем.
„Од клучно значење е,“ им рече папата на дипломатите „да се стави крај на прекршувањето на хуманитарното право, што доведува до невидени страдања на цивлното население, особено жените и децата, како и до затворање на виталните објекти како болниците, училиштата, бегалските кампови и верските објекти.“
Папата, исто така, ги осуди трговијата со оружје и поседувањето нуклеарно оружје. Тој рече дека е болно да се гледа дека трговијата со оружје се чини незапирлива.
Понтифот се осврна и на сексуалната злоупотреба на децата, која ја нарече „злo на денешното време“.
Facebook Forum