Државниот секретар на САД Мајк Помпео, денес на министрите за надворешни работи на членките на НАТО, им рече дека Алијансата мора да го промени пристапот кон зголемените закани низ светот.
„Мора да ја адаптираме нашата Алијанса да се справи со зголемените закани, дали е тоа руска агресија, неконтролирана миграција, кибернетски напади, закани за енергетската безбедност, кинеската конкуренција и многу други предизвици“, рече Помпео, на денешниот втор ден од одбележувањето 70 години постоење на НАТО.
Во фокус на денешната средба беа разидувањата околу безбедноста и други прашања, како и несогласувањето со Турција која планира да купи руски систем за противвоздушна одбрана.
САД, исто така, ги повторија барањата сојузниците да ги зголемат трошоците за одбрана.
Во вчерашното обраќање на гала вечерата, пак, Помпео, го најави приемот на Северна Македонија во Алијансата.
“Нашата сила е во бројките. НАТО порасна и сега вклучува 29 нации. Годинава се подготвуваме да ѝ посакаме добредојде на 30-та членка Северна Македонија и задоволство ми е да кажам дека минатата недела формално ги поднесовме документите во Сенатот на САД да го ратификува пристапувањето на Северна Македонија”, рече Помпео.
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг вечра го предупреди Конгресот за заканата од Русија, велејќи дека западната клучна воена алијанса нема намера да почне нова Студена војна со Москва, туку сака да спречи воена агресија.
„Северноатлантската организација нема намера да распореди копнени нуклеарни проектили во Европа“, кажа Столтенберг, обвинувајќи ја Русија за прекршување на Договорот за ликвидарење на ракетите со среден дострел, од кој САД најавија дека се повлекуваат поради руското прекршување.
Facebook Forum