Линкови за пристапност

Помпео: САД се посветени на просперитетот на секоја југоисточна азиска нација


Државниот секретар, кој е во Бангког на собирот на дипломати од југоисточните азиски нации, упати и критики кон Кина за „децениско лошо однесување“

Администрацијата на Трамп е посветена на суверенитетот, истрајноста и просперитетот на секоја југоисточна азиска нација, рече државниот секретар на САД во обраќањето на регионалната програма за млади лидери во Бангког.

„Ние сакаме слободен и отворен Индо-Пацифик што ќе биде препознатлив по владеење на правото, отвореноста, транспарентноста, доброто управување, почитувањето на суверенитетот на секоја нација и вистински партнерства“, рече американскиот дипломат, кој во Бангког учествува на собирот на дипломати од југоисточните азиски нации.

Помпео упати и критики кон Кина за „децениско лошо однесување“, што ја блокирало слободната трговија. „Време е тоа да запре“, рече тој.

Американскиот дипломат изрази и оптимизам дека разговорите со Северна Кореја ќе продолжат, откако во Тајланд не дојде до очекуваната средба меѓу двете страни. Државниот секретар изрази жалење што севернокорејскиот министер не успеал да се појави на разговорите.

„Ние сме подготвени да ги продолжиме дипломатските разговори со Северна Кореја. Подготвени сме. Лично сум оптимист дека тоа ќе се случи после долго време“, изјави Помпео.

Од Пјонгјанг засега нема одговор за позитивните очекувања од администрацијата на Трамп за продолжување на разговорите.

Вашингтон воедно и не изрази голема загриженост од последното лансирање на два севернокорејски проектили со кус дострел. Официјален Пентагон соопшти дека проектилите не се закана за Јужна Кореја.

XS
SM
MD
LG