Линкови за пристапност

Предупредувањата на Помпео за заканите од Русија и Кина се сериозни


Експертите велат дека властите во Северна Македонија треба да ги разгледаат сите критики од западните земји и пријатели

Предупредувањата на државниот секретар на САД Мајк Помпео за поголема претпазливост на Северна Македонија од заканите од Русија и од Кина, според експертската јавност треба сериозно да се сфатат.

Помпео во тој контекст рече дека граѓаните на Северна Македонија треба да ја водат државата, а не руските ботови на социјалните медиуми.

Универзитетскиот професор по безбедност Дашмир Насуфи, за Гласот на Америка, вели дека се` што кажал Помпео треба да се прими со големо внимание.

„Со оглед на тоа од кого доаѓаат препораките, и со оглед на тоа дека Република Северна Македонија е држава која е насочена кон ЕУ и НАТО, сметам дека треба да се сфати сериозно секој негов збор. Крајно време е да седнеме и да ги разгледаме сериозно сите препораки и критики од западните земји и пријатели. И не само тоа, туку крајно време е сериозно да работиме и на подобрување на сите деликатни точки. Сметам дека Република Северна Македонија се одалечува од политиките на руско влијание, бидејќи сериозно е насочена кон ЕУ и НАТО“, рече Насуфи.

Тој предлага вклучување на сите расположливи научни ресурси во делот на безбедноста кога станува збор за вакви чуствителни теми.

„Треба да се седне со група експерти, а кои во земјава ги има во голем број, и еднаш засекогаш да се решат главните прашања во однос на владеење на правото и безбедноста. Без сомнение, треба да се вклучат и експерти од САД и од други западни држави, за да овие клучни точки бидат на задоволително ниво, а со тоа да се доближиме до другите западни држави со кои сакаме да сме семејство“, вели Насуфи.

Злате Димовски, професор на Факултетот по безбедност во Скопје, смета дека изјавите на официјални личности се во насока да се укаже на опасноста од одредени пропусти или пак закани кои можат да се појават.

„Предупредувањата на Помпео дефинитвно треба да се сфатат сериозно, но, тоа е само еден сегмент. Многу повеќе информации сигурно сме добиле во размената на меѓународните разузнавачки информации, каде ние даваме наши информации, но, и добиваме соодветни информации. И сигурно дека тие се земаат предвид од раководството на нашата држава. Она што сега е дадено како информација лиферувана од страна на Помпео, секако дека претставува укажување, и тоа може да се сфати премногу сериозно или пак да се сфати како еден од можните проблеми кои наидуваат“, вели Димовски за Гласот на Америка.

И покрај тоа што државата се стреми кон членство во НАТО и ЕУ, треба да одржува добри односи со сите земји, сметаат експертите

Она што треба да се направи е, вели тој, да се изработи национална програма, но, и да се направи национална проценка за сите закани и ризици на кои се укажува.

„Заканите на социјалните мрежи постојат, но, ние треба да направиме наша национална проценка колку со тоа сме загрозени. Има модалитети и начини кои би значеле пресекување на истите, нивно оневозможување, па дури и попречување, за да можат да стигнат до крјаниот клиент, односно самиот граѓанин“, додава Димовски.

На Регионална школа за безбедност, која беше посветена на „Хибридните закани и нивниот импакт на демократијата -предизвици за регионална соработка“, а која неодамна се одржа во Скопје, професорка од Софискиот универзитет, упати сериозни предупредувања на руска вмешаност во Северна Македонија.

„За време на изборите во Македонија, во голема мера целата хибридна војна се водеше од територијата на Бугарија, бидејќи таму се наоѓаше седиштето на руското разузнавање. Така што од таа гледна точка јас се приклучувам на мислењето на колегите дека ние треба заедно да се бориме, затоа што иднината, како на Бугарија, така и на Македонија, е во ЕУ и НАТО“, кажа Татјана Дронзина, професорка на државниот Универзитет во Софија.

Виктор Димовски, директор на Агенцијата за национална безбедност на Северна Македонија, пак вели дека во последниве година има индиции и факти дека државата е изложена на вакви закани.

„И од тој аспект нашата Влада одлучи да изготви Предлог - план за одлучна акција за спротивставување на дезинформациите“, вели Димовски.

Според него, хибридните закани изминатиов период стануваат се поголема закана, како за националната безбедност на државата, така и за целиот регион.

Eкспертите сметаат дека поволен момент е искажаниот интерес на САД за овие простори на Балканот, и одењето напред со евроатлантските интеграции

Помпео, пак, во Охрид ги предупреди македонските власти.

„Демократиите треба да одговорат на надежта на граѓаните и да се борат против лошите влијанија. Срцата и умот на граѓаните на Северна Македонија треба да ја водат државата напред, а не руските ботови на социјалните медиуми. Би сакал да ве предупредам и за учеството на Кина во полето на чувствителните технологии, и нејзината стратегија на подмитување при договарање на зделките. Претседателот Трамп во Обединетите нации рече дека иднината им припаѓа на суверени и независни држави, кои ги штитат нивните граѓани и ги почитуваат соседите“, рече Помпео.

Помпео потсети дека САД остануваат стратешки партнер на Северна Македонија.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG