Линкови за пристапност

Помпео: Граѓаните на Северна Македонија треба да ја водат државата, а не руските ботови на социјалните медиуми


Историска посета на Помпео на Северна Македонија
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:20 0:00

Државниот секретар рече дека владеењето на правото и борбата против корупцијата се важни за приклучувањето на Северна Македонија во НАТО и ЕУ

САД ќе останат стратешки партнер на Северна Македонија, изјави денес од Охрид државниот секретар на САД Мајк Помпео, по средбите со претседателот Стево Пендаровски и премеирот Зоран Заев.

Помпео рече дека присуството на САД во земјата почнало скромно, со мала канцеларија и машина за пишување, но, оти сега во државата има 61 американски дипломат, што го одразува засиленото стартешкото партнерство меѓу двете држави.

Американскиот дипломат изрзи пофалба и благодарност за досегашното македонско присуство во мисиите во Ирак и Авганистан, како и за заложбите на македонската Влада, која до 2020 година најави дека ќе потроши два отсто од Бруто-домашниот производ за одбраната

„Ваквата посветеност на патот до НАТО покажува дека Северна Македонија ќе биде силна поддршка на САД, и сигурен сум дека Сенатот на САД ќе го одбори вашиот Протокол за влез оваа есен, со што ќе можеме формално да ви посакаме добредојде во НАТО. Би сакал да го поздравам и историскот Договор од Преспа, кој беше склучен минатата година меѓу Северна Македонија и Грција. Тој ќе служи како основа за поблиски економски врски меѓу вашите два народа. Исто така, ја поздравуваме и спогодбата за добри врски со Бугарија и Северна Македонија“, рече Помпео.

Тој предупреди и на опасноста која доаѓа од Русија и од Кина, и повика на поголема претпазливост кога се тие во прашање.

„Демократиите треба да одговорат на надежта на граѓаните, и да се борат против лошите влијанија. Срцата и умот на граѓаните на Северна Македонија треба да ја водат државата напред, а не руските ботови на социјалните медиуми. Би сакал да ве предупредам и за учеството на Кина во полето на чувствителните технологии, и нејзината стратегија на подмитување при договарање на зделките. Претседателот Трамп во Обединетите нации рече дена иднината им припаѓа на суверени и независни држави, кои ги штитат нивните граѓани и ги почитуваат соседите. Северна Македонија го одразува овој дух. САД ќе продолжат да бидат ваш партнер за доброто на вашите граѓани, за регионот и за светот“, рече Помпео.

Државниот секретар рече дека владеењето на правото и борбата против корупцијата се важни за приклучувањето на Северна Македонија во НАТО и ЕУ.

„Како водечка демократија во светот, САД ги подржуваат државите кои се борат за подобрување на владеење на законот и доброто владеење. Ги поттикнуваме властите на поголема одговорност за сите кои ја имаат злоупотребено јавната доверба. Борбата против корупцијата е од клучна важност за вашето присоединување кон ЕУ и НАТО“, кажа Помпео по средбата со Заев.

Заев рече дека доаѓањето на Помпео е силен сигнал за континуираната поддршка на САД на евроатланските интеграции на земјата, како и убава можност за продлабочување на меѓусебните односи и соработка

„САД се докажан пријател и поддржувач на Северна Македонија. Покрај силната политичка поддршка од независноста до денес, имаме добиено силна поддршка и преку различни проекти и програми на УСАИД, за развој на демократијата, институциите и подобрување на животот на нашите граѓани“, рече Заев.

За премиерот, Северна Македонија е посветен и стратешки партнер на САД. Тој кажа дека на Помпео имал можност да му предочи дека државата може да биде дел од сите глобални иницијативи за борба против дезинформациите и заканите против демократија.

„Имаме силни политички и историски причини да го одржуваме и зајакнуваме нашето пријателство. Дел од нив се нашите заеднички заложби и вредности за безбедност, слобода и просперитет во регионот, како и заедничката борба против тероризмот и другите закани“,изјави Заев.

Тој рече дека членството во НАТО за Северна Македонија е суверена одлука, за која има силна натпартиска одлука и меѓуетнички консензус.

„Со оптимизам го очекуваме полноправното членство во НАТО во блиска иднина. Сакам да им се заблагодарам на САД за недвосмислената двопартиска поддршка за нашето членство во НАТО. За брзо ја очекуваме добрата вест дека Протоколот ќе се ратификува, а во меѓувреме целосно сме подготвени да ги прифатиме обврските од нашето членство во Алијансата. Имаме силна политичка волја Буџетот на Армијата да биде најмалку два отсто од БДП, и тоа не подоцна од 2024 година, а дури и една година порано. За десеттина дена ја очекуваме долгоочекуваната вест од Брисел, за отворање на преговорите за членство во ЕУ. Верувам дека добрата вест од Брисел, ќе влијае позитивно на целиот регион. Ќе биде испратена пораката дека Западниот Балкан е интегрален дел од Европа. Ќе биде награден напредокот на реформите и решавање на тешките проблеми“, кажа Заев.

Тој додаде дека Северна Македонија е уникатна земја во регионот, бидејќи нема отворени билатерални прашања со ниту еден нејзин сосед.

Посетата на Помпео на Охрид се одвиваше под силно полициско обезбедување и високи мерки на безбедност.

Дел од училиштата во градот работеа со скратено работно време, а не беше дозволено паркирање на возила по главниот булевар „Туристичка“, каде помина делегацијата.

Доаѓањето на вториот човек на САД многумина го оценуваат како историски момент, бидејќи се случи во време кога државата го очекува полноправното членство во НАТО.

Посетата на Помпео, кој од Подгорица слета на аеродромот во Охрид, е прва официјална посета на американски државен секретар по речиси две децении од посетата на Колин Пауел за време на вооружениот конфликт во 2001 година

Според експертската јавност, оваа посета е јасен сигнал на обесхрабрување на сите сили кои сакаат да ја попречат евроатланската интеграција на државата.

Помпео ја посети црквата „Света Богородица Перивлепта“ од 13. век, која пред неколку години со американска донација беше реновирана и конзервирана.

Од Охрид, тој замина за Грција, каде ја продолжи неговата европска турнеја.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG