Државниот секретар на САД Мајк Помпео се сретна со британскиот премиер Борис Џонсон, во време кога ескалираат односите меѓу САД и Кина околку трговијата, статусот на Јужното Кинеско Море, потеклото на коронавирусот и справувањето на Кина со пандемијата.
Посетата на Помпео уследи само неколку дена откако Џонсон одлучи да забрани кинескиот телекомункациски гигант Хуавеи да учествува во изградбата на 5Г мрежата во Британија, нешто на што Вашингтон повикуваше повеќе од една година.
Веднаш по првичните разговори, Помпео напиша на Твитер:
„Конструктивна средба со Борис Џонсон. Долгогодишната и цврста билатерална соработка меѓу нашите држави претставува основа за денешната искрена дискусија за прашањата од 5Г мрежата до преговорите за слободен трговски договор САД - Обединетото Кралство“.
Кинеските официјални лица реагираа по забраната за Хуавеи, и изјавија дека таа ги уништила сите шанси Пекинг да се согласи за слободен трговски договор со Британија, нешто на што Лондон се надева по излегувањето на државата од Европската Унија
Подоцна, на прес - конференција, Помпео ја пофали Британија за нејзиниот цврст однос кон Хуавеи и Хонгконг.
„Сакав да ја искористам оваа прилика да ѝ честитам на Владата на Британија за нејзиниот одговор кон овие предизвици“, рече Помпео, додавајќи:
„Сакаме државите да работат заедно против напорите на Кинеската комунистичка партија, на секој можен начин што го опишав денес. Се надеваме дека ќе изградиме коалиција што го разбира ова“.
Пред неговото пристигнување во Лондон, Помпео преку твит најави дека се радува на средбата со Џонсон, во време кога државите се справуваат со пандемијата на КОВИД-19.
Според аналитичарите, ова ја зголемува потребата од постигнување договор меѓу САД и Британија, по Брегзит.
Претседателот на САД Доналд Трамп ја поздрави забраната на Британија, пред Помпео да го посети Лондон.
Facebook Forum