Линкови за пристапност

Помпео најави докази за убиството на Кашоги за неколку недели


Државниот секретар рече дека САД ги разгледуваат фактите и начините за воведување санкции врз оние кои биле инволвирани во убиството

Државниот секретар Мајк Помпео вели дека ќе бидат потребни неколку недели пред САД да обезбедат доволно докази за воведување на санкции врз оние кои стојат зад убиството на саудискиот новинар Џемал Кашоги.

Помпео, за радио станица од Сент Луис, изјави дека американската администрација ги разгледува фактите и начините за воведување санкции врз оние кои биле инволвирани во убиството.

Тој истакна дека претседателот Доналд Трамп ветил оти ќе побара одговорност за инволвираните во убиството.

Кашоги беше убиен минатиот месец во саудискиот конзулат во Истанбул, каде бил да подигне брачни документи.

Турските власти соопштија дека главниот обвинител Ирфан Фидан, за време на тридневната турско-саудиска истрага во Истанбул, не успеал да добие одговори за тоа каде е лоцирано телото на Кашоги, како и кој го наредил неговото убиство.

САД ја повикуваат Саудиска Арабија да го лоцира телото на Кашоги, и да го врати на неговото семејство што е можно поскоро.

Пријателите и семејството на Кашоги велат дека сакаат да ја исполнат неговата желба, останките од неговото тело да бидат погребани во градот Медина, втората најсвета локација на Исламот.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG