Линкови за пристапност

Помпео на средба со Нетанјаху за плановите за анектирање на делови од окупираниот Западен Брег


Помпео и Нетанјаху разговарале и за пандемијата на Ковид-19, како и за дестабилизирачкото влијание на Иран во регионот

Американскиот државен секретар Мајк Помпео и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху разговараа за плановите за анектирање на делови од окупираниот Западен Брег во Ерусалим во средата, откако израелските трупи фатално застрелаа палестински тинејџер по избувнувањето на судири на јужниот Западен Брег.

Помпео се заложи за придвижување на предлогот на „визијата за мир“ на администрацијата на Трамп за решавање на израелско-палестинскиот конфликт, велејќи: „Ни останува уште работа и треба да напредуваме околу тоа“.

Двајцата лидери не го спомнаа насилството во средата, продолжение на судирите од претходниот ден во кои животот го загуби израелски војник.

Нетанјаху се залага за брзо анектирање на делови од Западниот Брег, бидејќи американскиот претседател Доналд Трамп ќе бара реизбор во ноември.

Помпео, исто така, се состана со новиот коалициски партнер на Нетанјаху, Бени Ганц, и со новиот министер за надворешни работи, Габи Ашкенази


Анексијата, најверојатно, би била во прилог на про-израелско евангелистичките поддржувачи на Трамп и во голема мерка ќе ги намали шансите на Палестинците да формираат држава на територија на Израел заземена во арапско-израелската војна во 1967 година.

Помпео, опремен со маска за лице во црвена, бела и сина боја, пристигна во Тел Авив и отиде директно во Ерусалим, заобиколувајќи го дводневниот израелски карантин кој се налага за новодојденци.

Додека стоеше до Нетанјаху без да носи маска, Помпео, првиот официјален претставник што го посетил Израел од јануари поради пандемијата, рече дека неговата посета е „сведоштво за нашиот сојуз“.

Портпаролката на Стејт департментот, Морган Ортагус, рече дека откако двајцата се сретнале, тие исто така „разговарале за постојаните напори на нашите нации да ги ублажат последиците од пандемијата на Ковид-19 и да се спротивстават на дестабилизирачкото влијание на Иран во регионот, како и за непоколебливата американска посветеност кон безбедноста на Израел“.

Помпео, исто така, се состана со новиот коалициски партнер на Нетанјаху, Бени Ганц, и со новиот министер за надворешни работи, Габи Ашкенази, во резиденцијата на шефот на мисијата на САД во Ерусалим, пред да замине на аеродромот.

Нетанјаху и Ганц постигнаа договор минатиот месец, откако три парламентарни избори во текот на изминатата година завршија во ќор-сокак. Договорот предвидува Нетанјаху да остане премиер 18 месеци, по што Ганц исто така би бил премиер 18 месеци.

Договорот исто така предвидува дека Нетанјаху може да започне со извршување на плановите за анектирање на делови од Западниот Брег на 1 јули. Планот на Трамп, кој беше одбиен од Палестинците, би им дал ограничена државност, додека Израел би анектирал околу 30% од Западниот брег.

Најверојатниот противник на Трамп на претседателските избори во ноември, претпоставениот демократски кандидат, Џо Бајден, се спротивстави на израелските планови за анексија.

Додека Нетанјаху останува на функцијата премиер, тој се соочува со обвиненија за мито и измама.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG