Линкови за пристапност

Помпео нема да даде оставка, ако Трамп го отпушти Мулер


Директорот на ЦИА, номиниран за државен секретар на САД, се соочи со интензивен распит во Комисијата за надворешни работи на Сенатот

Директорот на ЦИА Мајк Помпео, номиниран од страна на американскиот претседател Доналд Трамп за државен секретар на САД, се соочи со интензивен распит во Комисијата за надворешни работи на Сенатот, во врска со тековната истрага за Русија и неговите односи со претседателот.

Помпео посочи дека нема да поднесе оставка во знак на протест, ако Трамп го отпушти специјалниот советник Роберт Мулер, кој врши истрага за врските меѓу Русија и Трамп.

„Моите инстинкти ми кажуваат дека мојата обврска да продолжам да служам како висок американски дипломат, ќе биде од големо значење, особено во време на политички домашни превирања како сега“, рече Помпео.

Тој одби да каже дали го дели истиот став со претседателот, дека специјалниот советник е во „лов на вештерки“, и неколкупати одби да каже што слушнал од претседателот за руската истрага.

„Нема да зборувам за разговорите што ги имав со претседателот“, рече Помпео, и додаде:

„Јас сум близок со претседателот, но, тој никогаш не побарал од мене да направам нешто незаконски“, нагласи тој.

Помпео, сепак, се дистанцира од пораките на Трамп на Твитер, обвинувајќи ја истрагата за Русија како „лоша крв“ меѓу Москва и Вашингтон.

„Историскиот конфликт меѓу САД и Советскиот сојуз, сега Русија, е предизвикан од руското лошо однесување“, рече Помпео.

Сенаторите од двете партии ја истакнаа потребата за државен секретар, кој ќе може да се справува со честите бури во Бела куќа, но, истовремено и да се спротивстави на претседателот, кога тоа е потребно.

Трамп го номинираше Помпео, поранешен републикански член на Конгресот, за државен секретар, по ненадејното отпуштање на Рекс Тилерсон од функцијата минатиот месец.

Се очекува републиканските сенатори да ја поддржат номинацијата на Помпео, додека демократите се воздржуваат од коментари, иако некои изразија загриженост за ставовите на Помпео, сомневајќи дека тој е добар избор да служи како главен американски дипломат.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG