Одделот за финансии на САД соопшти дека воведува санкции кон руска банка заради помагање на Северна Кореја во избегнување на активностите на Советот за безбедност на ОН за ограничување на програмите на Пјонгјанг за развој на нуклеарно оружје и балистички проектили.
Одлуката се случува во време кога се очекува американскиот државен секретар, Мајк Помпео да ги повика лидерите на земјите од Југоисточна Азија да ги почитуваат санкциите против Пјонгјанг.
Од Одделот за финансии соопштија дека „Агросојуз комерцијална банка“ со седиште во Москва извршила „значителна трансакција“ со лицето Хан Јанг Су кое се наоѓа на црната листа на САД заради учеството во програмите за развој на оружје на Пјонгјанг.
Хан Јанг Су е раководител на Банката за странска трговија на Северна Кореја. Цел на санкциите се и две кинески компании кои се поврзуваат со оваа финансиска институција.
Помпео денес во Сингапур се сретна со кинескиот министер за надворешни работи, Ванг Ји.
Тие по состанокот не дадоа изјави за новинарите. Но кратко потоа Кина предупреди дека ќе воведе нови царини за американски производи вредни 60 милијарди долари, ако администрацијата на Трамп продолжи со реализација на трговските закани.
Министерството за трговија на Кина соопшти дека предложените царини се во висина од 5 до 25 проценти.
САД велат дека тие сакаат Кина да престане да краде американски корпоративни тајни и да прекине со субвенционирањето на кинеските компании со евтини кредити.
Пред средбата со Ванг Ји, Помпео го предводеше министерскиот состанок на АСЕАН заедно со шефот на сингапурската дипломатија, Вивиан Балакришнан.
Facebook Forum