Исходот од референдумот во Македонија беше дочекан со ентузијазам од некои аналитичари блиски на Кремљ, кои побрзаа да прогласат победа за Москва, со настојувањето да ја спречи интеграцијата на земјата во НАТО.
Протестите на опозициската „Бојкотирам“ засега се на пауза. Кампот распослан во паркот пред зградата на Парламентот е полупразен, со расфрлани транспаренти и напуштени шатори.
Во градот засега е мирно. Туристи шетаат по централниот плоштад на Скопје, но, има и загрижени што повикуваат на постигнување решение меѓу власта и опозицијата, пред да се свика следната парламентарна сесија и дискусиите да станат жолчни.
Во предвечерјето на референдумот, пак, многу локални медиуми беа на линија на антизападната реторика.
Асја Методиева од германската фондација „Маршал“, смета дека оваа медиумската активност во Македонија е резултат на многуте лажни вести на социјалните мрежи, кои се дел од руските напори да се спречи ширењето на НАТО Алијансата во Европа.
Сепак, вистината е некаде помеѓу. Политичкиот аналитичар Владимир Петрески изјави дека руското влијание одигра мала улога во однос на резултатот. Многу поголемо значање за референдумскиот исход има нереално обемниот Избирачки список, кој не е обновен од 2002-та година. Според некои македонски написи, списокот содржи исселени и фантомски гласачи.
„Многу повеќе луѓе гласаа за планот на Владата за Македонија во ЕУ и НАТО, отколку што досега се гласало за која било партија или коалиција во поновата историја на плурална Македонија“, истакна премиерот Зоран Заев за весникот „Фајненшл тајмс.“
Референдумот се одржа на 30-ти септември. Ден потоа, поради нискиот одзив, Државната изборна комисија го прогласи за неуспешен.
На гласање излегоа само 37 отсто од 1,8 милион избирачи регистрирани во списокот, иако законски беше потребен одзив од 50 отсто.
Од друга страна, 92 отсто од излезените гласаа „за“ членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот со Грција.
Некои руски политички аналитичари побрзаа да ја споредат ситуацијата во Македонија со онаа во Црна Гора.
Се укажува дека Скопје ќе биде сосила вовлечено во НАТО, без да се почитува народната волја.
Испитувањата на јавното мислење во Црна Гора лани покажаа дека мнозинството не прифаќа влез во НАТО, и оти смета дека Русија треба да биде гарант за безбедноста во Европа.
Црна Гора стана членка на НАТО во јули 2017-та година.
Рускиот политички аналитичар Фјодор Лукијанов смета дека референдумското прашање е поставено со голема пристрасност.
„Оние кои го свикаа референдумот не беа заинтересирани за решавање на сериозниот проблем со името на Македонија, а во тоа да не замешаат запршка со геполитички избор. Не` зачудува што политикантството на едната страна (прозападната) предизвика соодветна реакција од другата страна“, напиша Лукијанов во „Русија во глобалниот свет“, издание на владината „Росискаја газета“.
Петрески смета дека Избирачкиот список не соодветствува со реалниот број гласачи во Македонија. Списокот е заснован на резултатите од последниот попис во земјата, кој беше направен уште во 2002-та година.
Претходната Влада составена од десничарската ВМРО-ДПМНЕ и албанската Демократска унија за интеграција (ДУИ), не успеаја да го реализраат пописот планиран за 2011-та.
Во март годинава, Специјалното јавно обвинителство (СЈО) отвори кривични постапки против Никола Груевски, поранешен лидер на ВМРО-ДПМНЕ и Али Ахмети, сегашен шеф на ДУИ, за манипулации со средствата предвидени за пописот во 2011-та, со цел тој да не се реализира.
Македонија денес е сосема поразлична од Македонија во 2002-та година, смета Петрески.
„Во земјата во 2002-та, во основните училишта учеа 244.740 ученици. Во 2016-та таа бројка се намали на 185.992 ученици. Во меѓувреме, речиси 100.000 Македонци добија бугарски пасоши, и мнозинството од нив ја напуштија земјата за работа во ЕУ,“ изјави тој.
Македонија претрпе иселенички бран во изминативе десеттина години.
Од земјата се отселија стотици илјади, а според анкета на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) од јуни и јули годинава, 46 отсто од испитаните имаат близок роднина, кој во последните три години ја напуштил државата да живее и работи во странство.
Текстот е дел од анализа е објавена од Polygraph.info -Сервис за проверка на факти на „Гласот на Америка“.
Интегралната верзија на анализата може да ја најдете на следниов линк: https://www.polygraph.info/a/macedonia-referendum-russian-media/29534513.html
Facebook Forum