Линкови за пристапност

Протести против загадувањето ширум Македонија


Во Битола се протестираше во саботата, денес е прекината е наставата во Тетово, а скопските активисти најавуваат протести за в недела

„Донесовме одлука наставата да биде прекината до крајот на првото полугодие, а во меѓувреме, Општина Тетово и понатаму ќе ги спроведува мерките за намалување на загадувањето. Ќе се мијат улиците со калциум магнезиум ацетат и ќе продолжиме со воведување зонско паркирање во градот. За наредната година ќе го ставиме во функција и претпријатието за јавен транспорт“, изјави градоначалничката на Тетово, Теута Арифи.

Во согласност со раководствата на воспитно-образовните институции, Општина Тетово денес реши да се прекине наставата во градинките, основните и во средните училишта, поради екстремното ниво на аерозагадување.

Според листата на организацијата „Нумбео“, Тетово е најзагаден град во Европа, Скопје е на четвртото место, а според мерните места и загадувањето во Битола и Кавадарци, со денови е повеќекратно повисоко од дозволеното. Затоа, деновиве се шири бранот протести низ градовите во Македонија. Невладиниот сектор перманентно бара намалување на загадувањето и насочување на активностите на Владата во таа сфера.

Пред одлуката на Општината Тетово, и утрово, група професори, средношколци и основци од неколку тетовски училишта, протестирале, барајќи итни мерки против загадениот воздух, а и вчера, дел од родителите на тетовските ученици не ги пуштиле децата на настава. Нивна аргументација е дека седум часа тетовци дишеле воздух кој бил 20 пати позагаден од дозволеното (1.000 мг, наместо дозволените 50!), како и дека загадениот воздух за 10% го зголемил бројот на повици до Итна помош. Затоа, граѓанските активисти и еколозите имаат поддршка и од дел од здравствените работници, за барањето Општината Тетово да воведе вонредна состојба.

Откако дел од активистите во цивилниот сектор во Тетово, на граѓаните вчера, повторно, симболично им нуделе тегли „со чист воздух“, граѓанската инициjaтива "Мајка и дете", со поддршка од движењето "Екогерила", најавија дека утре ќе организираат протест со блокирање на трите главни влеза на градот. На социјалните мрежи имаше и реакции дека и прекинот на наставата е изнудена мерка за да спречи масовноста на најавените протести за утре, зашто неколкумесечната загаденост на воздухот и досега била доволна причина за водење грижа за здравјето на учениците, а наставата не била прекината.

Поддршка на тетовските еколошки здруженија им дадоа колегите од Битола, како членовите од здружението „За нас се работи“ кои минатата недела организираа собир за заштита од аерозагадувањето во нивниот град.

И активистите од Скопје за в недела најавуваат организиран протест со мото „Сакаме да дишеме“.

Професорот д-р Драган Ѓорѓев од Институтот за јавно здравје на Република Македонија, кој е национален координатор за областа здравје и животна средина и член на меѓусекторската работна група за управување со квалитетот на воздухот, неодамна во медиумите изјави дека аерозагадувањето не влијае само врз респираторниот и на кардиоваскуларниот систем, туку и на сите органи во организмот. Според него, на граѓаните им се препорачуваат само куси престои на отворен простор, намалена физичка активност во надворешни услови, носење заштитни маски во индустриите каде е загрозен белодробниот систем...

Загадувањето стана тема и за меѓупартиски „престрелки“ со соопштенија. Откако опозицијата обвини дека власта не е заинтересирана за здравјето на граѓаните, владеачката ВМРО-ДПМНЕ, испрати контра-соопштение во кое тврди дека „СДСМ не го интересира воздухот, туку го интересирале политичките поени кои може да ги приграби, притоа надевајќи се дека граѓаните ќе заборавеле дека СДСМ ништо не презел за да се справи со загадениот воздух... “

XS
SM
MD
LG