Линкови за пристапност

Нема координација на институциите во борбата со загадувањето


Меѓународни ревизори и` препорачуваат на Владата ажурирање на релевантните законски и подзаконски акти со Директивата на ЕУ, и потенцираат дека системот за управување со квалитетот на воздухот не е правилно организиран

„Македонија има многу добри закони за животната средина, и многу добри законски одредби кон истата цел -нејзината заштита, но, останува како голем проблем нивната имплементација“, вели во изјавата за Гласот на Америка на македонски јазик Арианит Џафери, активист од невладината организација „Еко Герила“ од Тетово.

„Ставот на ’Еко Герила’ е дека сепак и актуелните закони во Македонија можат и треба да претрпат некои измени. На пример, ние сметаме дека треба да се донесе закон што ќе забрани увоз на отпад од странство, поради тоа што Македонија нема капацитети да се справи ни со сопствениот домашен отпад“, изјави Џафери.

На почетокот на месецот, при блокадата на депонијата „Дрисла“ во Скопје од заштитиниците на животната средина, Џафери истакна дека институциите се нетранспарентни во поглед на тоа каков отпад навистина се увезува од странство и се согорува во Македонија, дека преземените мерки на властите ќе бидат козметички ако не се забрани увозот, и оти ваквиот увоз на отпад од одделни држави од ЕУ, остава сомнеж за можна корумпираност.

Џафери го изнесе ставот на „Еко Герила“ дека „треба да се интервенира и во начинот на работење на локалните инспекци и на Државниот инспекторат, кои моментално немаат големи надлежности и ингеренции, и не се во состојба да влегуваат и да контролираат домаќинства и претпријатија во кое било време, за да се спречи понатамошното загадување на воздухот“.

„Сметаме дека во процесот на зачленување во Европската унија, овие прашања треба да се клучни и имплементацијата на ваквите одредби и закони треба да се разбере како можност за отварање на патот кон Унијата“, рече тој.

Но, на патот до ЕУ, Македонија ќе мора да добива поповолни оцени од оние во ревизорскиот извештај за квалитетот на воздухот на Европската организација на ревизорски институции (EUROSAI), и конечно, да не биде дел од вестите кои денеска ги објави и дел од македонските медиуми дека Скопје повторно е на црната листа на градови со најзагаден воздух во светот.

Според „Ервижуал“ (“Airvizual” - специјализираната страница која го третира аерозагадувањето), утрово, македонската престолнина била осми град во светот според нивото на аерозагадување, на табелата на која покрај „водечкиот“ Делхи, се и градови од Пакистан и Бангладеш.

Но, и дека во Македонија, воздухот бил загаден и во Куманово, Кавадарци и во Битола.

Минатата недела, медиумите ги објавија препораките на меѓународни ревизори до македонската Влада за подобрување на загрижувачката состојба со аерозагаденоста: ажурирање на релевантните законски и подзаконски акти до целосна хармонизација на македонското законодавство со Директивата на ЕУ за квалитет на амбиентниот воздух, воспоставување на систем на размена на податоци, и спроведување на санкции на централно и локално ниво за случаите на непочитување на политиките кои се однесуваат на квалитетот на воздухот и на граничните вредности на одредени загадувачи.

Според Заедничкиот ревизорски извештај за квалитет на воздухот на Европската организација на 15 врвни ревизорски институции (EUROSAI), и на Европскиот суд на ревизори, што го цитираше агенцијата „Мета“, индустријата е најголемиот загадувач во Македонија, а потоа следуваат загадувањето од загревањето на домаќинствата и од превозните средства во сообраќајот, додека хаосот во третирањето на отпадот е сепак, на дното на листата.

Во Извештајот на меѓународната ревизија се вели дека Националниот план за заштита на амбиентниот воздух е комплексен и покрива различни области, но, дека системот за управување со квалитетот на воздухот во Македонија не е правилно организиран и координиран, и не постои систем за следење на спроведувањето на преземените мерки.

Оценка е дека и покрај формирањето на Интерсекторската работна група за квалитет на воздухот и на Комисијата за здравје и животна средина за подобрување токму на интерсекторската соработка, координацијата меѓу институциите е незадоволителна, а „инспекциите за животна средина се спроведуваат без никаква координација на централно и локално ниво“.

Извештајот потенцира и дека буџетот за спроведување на политиките за подобрување на квалитетот на воздухот во Македонија - 0,1% од БДП, е мал и недоволен за мерењата на загадувањето да се одвиваат непречено и прецизно, па „нема редовно одржување, не се купуваат резервни делови за мерните станици, не се набавуваат лабораториска опрема и хемиски реагенси, не се спроведува лабораториска акредитација, ниту обука на персоналот“, со што нема можности системите за мониторинг да генерираат целосни и веродостојни податоци.

Меѓу препораките од Извештајот се и македонската Влада да обезбеди буџет за работа и одржување на сите мониторинг станици за квалитет на воздух, формирање на централизиран систем за автоматизирано собирање и обработка на податоци и мерење во реално време и известување за квалитетот на воздухот.

И покрај загрижувачката ситуација со аерозагадувањето, на третиот протест на иницијативата „Канцерогено општество" организиран викендов во Скопје, одѕивот на граѓаните беше слаб.

Иницијативата која има за цел преку заедничко дејствување на еколошки организации, активисти од невладиниот сектор и граѓани, да се изнајдат адекватни решенија за горливиот проблем со аерозагадувањето, тврди и дека долготрајната изложеност на граѓаните на висока концентрација на ПМ-честичките во воздухот, го зголемува бројот на болните од канцерогени и кардиоваскуларни болести, како и на смртните случаи од овие болести.

Иницијативата и на овој протест побара решавање во рок од една година на сите спорни еколошки проблеми (фабриките ОХИС и „Железара“, како и депонијата „Дрисла“ во Скопје, и комбинатите „Југохром“ во Јегуновце и РЕК во Битола), воведување на нова технологија за регионалните депонии со кои управуваат локалните власти, и создавање Национален план за селектирање и рециклирање на отпадот.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG