Полска останува на ставот да не ѝ доставува оружје на Украина, во услови на континуиран спор околу увозот на храна. Како што известува Хенри Риџвел, некои стравуваат дека спорот ги разоткрива европските поделби во критичниот момент во украинскиот конфликт.
Полска досега беше еден од најблиските сојузници на Украина – прими над еден милион бегалци и му обезбеди на Киев значајна воена поддршка, вклучувајќи тенкови и борбени авиони МИГ-29.
Но, среде ескалација, полскиот премиер Матеуш Моравиецки рече дека нема да биде испратено ново оружје.
„Веќе не префрламе никакво оружје во Украина бидејќи сега се вооружуваме со најмодерното оружје“, изјави Матеуш Моравиецки.
Времето и тонот на тие зборови изненадија многу од полските сојузници.
„Тоа одекна на многу негативен начин во светот. Тоа што еден просечен украински граѓанин би го слушнал е дека Полјаците ќе престанат да им помагаат“, вели Марчин Заборавски од ГЛОБСЕК.
Полска одигра клучна улога во вооружувањето на Украина.
„Во смисла на генерирање поддршка за давање на оружје – лобирање кај Германците за тенкови и на сличен начин со борбените авиони“, објаснува Патрик Бури, аналитичар, провфесор од Универзитетот Бат.
Спорот започна околу увозот на жито од Украина. Полска, Унгарија и Словачка воведоа унилатерални забрани, тврдејќи дека увозот ги намалува цените за нивните земјоделци, откако истекоа привремените ограничувања на Европската унија.
Украина поднесе жалба до Светската трговска организација.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во ОН рече дека е „алармантно да се види како некои во Европа, помагаат да се одржи еден актер од Москва“.
Полска го повика украинскиот амбасадор да објасни.
Дејствуваме на начин да се заштитиме и да не бидеме повредени од давеникот, бидејќи штом давеникот нè повреди, нема да добие помош од насАнджеј Дуда, претседател на Полска
Полскиот претседател Анджеј Дуда ја спореди Украина со давеник.
„Ние мора да дејствуваме на начин да се заштитиме и да не бидеме повредени од давеникот, бидејќи штом давеникот нè повреди, нема да добие помош од нас“, изјави Дуда.
Украинскиот министер за земјоделство изјави дека се договорил со својот полски колега да изработи решение за трговскиот спор. САД го минимизира спорот. Но, Русија веројатно гледа поделби во западното единство, велат аналитичарите.
„Тоа не е добро и се разбира, така ќе гледа Русија. Прашањето е дали им даваме уште докази за тоа такво нешто“, вели аналитичарот Бури.
Во Полска треба да се одржат избори следниот месец.
Во меѓувреме, украинскиот претседател Володимир Зеленски врши голема реконструкција на Владата. Аналитичарите велат дека домашната политика ги поттикнува тензиите.