Линкови за пристапност

Обама пред Ромни во последните анкети


Нови политички истражувања во САД покажуваат дека претседателот Барак Обама има, барем во моментов, мала предност во однос на републиканецот Мит Ромни додека двајцата кандидати влегуваат во последните осум недели од претседателската изборна кампања.

Двајцата кандидати беа практично изедначени во анкетите од пред една недела, по завршувањето на Националната републиканска конвенција на Ромни. Но откако Обама ја прифати номинацијата на Демократската партија за втор мандат минатата недела, четири истражувања на јавно мислење покажаа зголемување на поддршката за него.

Американските претседателски кандидати често добиваат зголемена поддршка по нивните национални конвенции, но изгледа дека таа е позначителна од онаа на Ромни. Понекогаш таквите добивки се покажуваат со кус век, но тоа не е правило.

Две позначајни истражувања го следат расположението кај гласачите во текот на неколку дена – Галуп и Расмусен – и покажуваат дека претседателот има најголема предност за последниве неколку недели. Истражувањето на Галуп од неделата покажува дека Обама води со 49 отсто поддршка во однос на Ромни кој има 44 отсто поддршка, а Расмусен има слични цифри – 49-45.

Кандидатите се фокусирани на кампања во неколку клучни држави каде истражувањата покажуваат дека гласачите се подеднакво поделени меѓу двајцата. Но, САД не избираат претседател според гласањето на избирачите, туку преку систем на изборен колеџ во кој влијанието на секоја сојузна држава на изборот зависи од нејзиното население.
XS
SM
MD
LG