Линкови за пристапност

Еврокомесарот Хан замина од Скопје со договор за предвремени парламентарни избори


До крајот на април 2016-та година, откако ќе се прочисти избирачкиот список и ќе се подготви другата изборна регулатива

Предвремени парламентарни избори до крајот на април 2016-та година, откако претходно ќе се прочисти избирачкиот список и ќе се подготви другата изборна регулатива. Ова е договорот што по маратонските преговори во Скопје го постигнаа водачите на четирите најголеми политички партии во земјава со посредство на еврокомесарот Јоханес Хан, а на кои присуствуваа и амбасадорите на САД и ЕУ, Џес Бејли и Аиво Орав. Хан најави дека конечниот договор, сепак, ќе „падне“ во Брисел следната недела.

„Имавме многу интензивни и многу конструктивни преговори со партиските лидери. Имавме добри дискусии и уште еднаш се обврзавме и ја потврдивме евроатлантската перспектива на земјата, важноста за надминување на актуелната тешка ситуација, актуелната криза, со цел да се задржи европската и евроатлантската перспектива во живот. Затоа имавме одреден временски притисок. Свесни сте дека се работи за идната препорака за започување на преговорите со ЕУ, но пред тоа е важно да се надмине внатрешната тешка ситиација. Мора да се работи, исто така, на неопходниот политички компромис со цел да се постигне неопходниот баланс помеѓу различните сили, различните групи во општеството и затоа се договоривме за некаков транзиционен период и се договоривме до крајот на април да има предвремени избори, но важно е да се подготви земјата“, изјави Хан, додека покрај него стоеја премиерот Никола Груевски, водачот на опозицијата Зоран Заев и водачите на ДУИ и ДПА, Али Ахмети и Мендух Тачи.

Хан ги повтори веќе познатите ставови: да се прифатат сите препораки од Европската комисија што се однесува до независноста на судството и да се користи методологијата којашто вообичаено се употребува во преговорите за Поглавјата 23 и 24 - владеењето на правото, слободата на медиумите, независност на судството. Но тој, не спомена кој во тој 9-месечен преоден период ќе ги спроведе овие реформи, за евентуално формирање преодна влада, за инсистирањето СДСМ да се врати во Парламентот, туку само дека треба „да се искористи актуелната криза како можност за модернизирање на земјата, дека политичките партии треба да обезбедат фер и сериозен натпревар меѓу себе и да бидат сигурни дека вниманието на ЕУ и меѓународното внимание е присутно“.

„Земјата е во фокусот на меѓународната заедница, но да биде шанса и можност за земјата. И доколку се оди добро, јас сум цврсто уверен дека на крајот во земјата политичката култура ќе биде зајакната и ќе ги следи европските стандарди“, рече Хан, кој не одговори на прашања на новинарите, бидејќи, како што рече, „брза на авион“.

XS
SM
MD
LG