Линкови за пристапност

САД ја повикаа Европа да се откаже од нуклеарниот договор со Иран


На конференција во Варшава американскиот заменик-претседател Мајк Пенс ги обвини европските сојузници за обид да ги прекршат американските санкции против она што тој го нарекува „убиствен револуционерен режим на Иран“

САД ја повикаа Европа да се откаже од нуклеарниот договор од 2015 година со Иран, од кој Вашингтон се повлече минатата година.

На дводневна конференција во Варшава, на која присуствуваа претставници на повеќе од 60 земји, во четвртокот, американскиот заменик-претседател Мајк Пенс ги обвини европските сојузници за обид да ги прекршат американските санкции против она што тој го нарекува „убиствен револуционерен режим на Иран“.

„Дојде време нашите европски партнери да се повлечат од нуклеарната спогодба со Иран и да ни се придружат во економскиот и дипломатскиот притисок неопходни за да се обезбедат безбедноста, мирот и слободата што ја заслужуваат иранскиот народ, регионот и светот“ рече Пенс на прес-конференција.

На конференцијата, исто така, присуствуваше американскиот државен секретар Мајк Помпео, кој рече дека се зголемува глобалниот притисок врз Техеран.

„Ниту една земја не се изјасни и не ги негираше основните факти кои сите ние ги изнесовме за Иран, заканата што ја претставува, природата на режимот. Тоа беше едногласно“, рече Помпео.

Едногласно, можеби, меѓу земјите што присуствуваа на конференцијата. Сепак, некои американски сојузници беа отсутни, вклучувајќи ги и министрите за надворешни работи на Франција и Германија. Британскиот претставник рано го напушти самитот.

Сите три сојузници изразија силна поддршка за нуклеарниот договорот од 2015 година и започнаа специјален систем за наплата за да ги заобиколат санкциите на САД за Техеран, во обид да го одржат договорот жив.

Варшавскиот аналитичар Пјотар Бурас од Европскиот совет за надворешни односи вели дека домаќинот на самитот, Полска, и некои други европски држави се поблиску до пристапот на Вашингтон - и САД гледаат можност во тоа.

„Имам чувство дека администрацијата на Трамп не се грижи многу за единството на Европа, или дури и можеби се обидува да ги искористи поделбите во Европа, па дури и да ги продлабочи.“

Џонатан Ејал од британскиот Кралски институт тврди дека пристапот на Вашингтон всушност е насочен кон премостување на трансатлантските поделби со европските сојузници.

„САД се подготвени повторно да се вклучат со нив во политиката на Блискиот Исток, особено за чувствителните прашања како што е повторното наметнување на санкции за Иран, каде што јазот меѓу Европа и САД е многу голем. И второ, тоа е уште еден обид од страна на Стејт департментот да ја потсети Белата куќа дека пријателите во Европа се незаменливи кога станува збор за поголемиот дел од целите на американската надворешна политика.“

На самитот присуствуваа Израел и неколку земји од Сунитскиот Залив. Катар, Турција и Либан одбија да учествуваат, додека Иран, кој не присуствуваше, го отфрли самитот уште на почеток.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG